
Подготовките за претстојната грејна сезона се во завршна фаза. Компанијата Енерџи Еколинк и Акционерското друштво ЕМВ потврдуваат дека, доколку температурите се намалат и се појави потреба, снабдувањето со топлинска енергија може да започне уште од 1 октомври, иако сезоната официјално почнува на 15 октомври.
„Фактички од 1 октомври треба да бидеме подготвени да почнеме, затоа што времето е со пониски температури. Нормално со иницијатива на РКЕ, ние сме подготвени да почнеме и порано, иако официјално сезоната почнува на 15 октомври. Имаме наполнето мрежа, а последните полнења веќе испраќаат вода и до објектите приклучени кај нас“, изјави Гзиме Шљаку, директорка на Енерџи Еколинк.
Од ЕМВ додаваат дека активно ги финализираат подготовките на производствените капацитети и на дистрибутивниот систем, со цел да обезбедат стабилно и непрекинато снабдување со топлинска енергија за сите потрошувачи.
Според правилата, грејната сезона трае од 15 октомври до 15 април, но може да започне 15 дена порано и да заврши 15 дена подоцна, во зависност од временските услови.
Компаниите апелираа граѓаните во што поголем број да се приклучат на системот за централно греење, нагласувајќи дека тоа е најстабилен и најекономичен начин за греење.


