
Царинската управа значително ги зголеми активностите за спречување на организираниот криминал и корупцијата, истакна директорот Бобан Николовски. Тој ги претстави резултатите од последните месеци, со посебен акцент на системските мерки и засилената соработка со другите институции.
Според него, само оваа година се поднесени 67 кривични пријави против 38 правни лица и 148 индивидуи, инволвирани во кривични дела со поврзаност со 181 возило, при што директната штета за државниот буџет изнесува 16,5 милиони денари.
Дополнително, донесени се 11 решенија за разрешување на царински службеници, а од минатата година досега се спроведени вкупно 76 дисциплински постапки. Две од разрешувањата се со судска одлука.
Николовски нагласи дека, покрај засилените контроли, се работи и на зголемување на свеста на царинските службеници со цел поголема ефикасност во спречувањето на криминал и корупција. „Потребна е силна волја и нов кадар кој ќе учи од најдобрите во Царинската управа“, изјави тој.
Во таа насока, како доказ за преземените чекори, Царинската управа е рангирана петта од вкупно 72 институции во последниот извештај на Државната комисија за спречување на корупцијата за спроведување на политиките на интегритет.
Директорот додаде дека преку подобрена анализа на ризик се зајакнати контролите на граничните премини, со цел да има што е можно помалку контроли, односно да се овозможи непопречен проток на патници и стоки, а во исто време да се постигнат поголеми резултати во откривање на обиди за криминал.
Благодарение на преземените мерки, приходите од царинската наплата бележат значителен раст, достигнувајќи 65,5 милиони евра од август годинава.


