
Во пресрет на Генералната дебата на 80-тото Генерално собрание на Обединетите нации, што започнува на 23 септември 2025 година, граѓанската иницијатива „Сите за Палестина“ ѝ упати писмо на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Тие бараат нејзините ставови и гласови да бидат во склад со вредностите и историјата на македонскиот народ, кој традиционално изразувал солидарност за самостојна палестинска држава и за осуда на геноцидот врз палестинскиот народ.
Иницијативата нагласува дека Северна Македонија често гласала воздржано на клучни резолуции за Газа, што според нив е спротивно на духот на историската солидарност што земјата го носи. Тие потсетуваат дека Скопје уште од 1963 година го носи називот „Град на светската солидарност“ и дека ова име мора да се оправда и денес.
Барањата на иницијативата „Сите за Палестина“:
- Македонија јавно и веднаш да го осуди геноцидот врз палестинскиот народ и да ја признае Палестина;
- Итно да побара прекин на огнот и влез на хуманитарна помош во Газа што не е дистрибуирана од Израел;
- Да почне да гласа ЗА солидарност со палестинскиот народ на сите идни гласања во ОН;
- Да воведе санкции кон Израел, да престане да го признава Израел, веднаш да ја прекине трговијата и да запре секаква културна, образовна и спортска соработка со Израел;
- Да ја врати надворешната политика во рацете на народот во духот на солидарност, а не во духот на личен профит.
„Вие гласате во името на граѓаните, затоа зборувајте и постапувајте во согласност со нив,“ се наведува во реакцијата на иницијативата.


