
Синоќа во Малешевијата е спроведена голема полициска акција, која и денес продолжува на теренот во Берово, Пехчево и Делчево. Според достапните информации, станува збор за организирана криминална мрежа која со години ги пустошела шумите преку нелегална сеча, злоупотребувала службени функции, примала и давала поткуп и вршела тешки дела против животната средина.
Неофицијално, меѓу приведените се актуелниот директор на ЈП „Македонски шуми“ и полициски началник, заедно со повеќе полициски службени лица, шумски полицајци, вработен од Министерството за земјоделство и сопственици на приватни компании. Се сомничи дека тие изградиле систем за нелегална сеча и транспорт на дрвна маса, која подоцна преку коруптивни врски се пласирала како легално исечена.
Групата функционирала како злосторничко здружение со единствена цел – личен профит на сметка на државата и природните ресурси.



