
Комесарката за проширување на Европската Унија (ЕУ), Марта Кос, во вторникот изјави дека Унијата останува загрижена за состојбата со владеењето на правото во земјите-кандидати од Балканот – Албанија, Србија, Црна Гора и Северна Македонија – иако има видлив напредок во оваа област.
„Интервенциите во судските постапки, притисоците врз службениците кои истражуваат корупција и политизацијата на медиумските регулатори продолжуваат, што е неприфатливо“, изјави Кос на прес-конференција.
Таа ги даде овие коментари по состанокот на Советот за општи работи на ЕУ, каде што министрите од неколку земји членки и земји кандидати разговараа за владеењето на правото во Унијата.
Данска моментално го има претседателството со Советот, а нејзината министерка за европски прашања, Мари Бјере, истакна дека владеењето на правото е сега најважната вредност на Унијата.
Бјере додаде дека за време на дискусијата, министрите ја разгледале состојбата на владеењето на правото во земјите од Западен Балкан, повикувајќи се на извештајот на Европската комисија (ЕК) објавен во јули оваа година.
На дискусијата учествуваа и министрите за евроинтеграции на Србија, Албанија, Црна Гора и Северна Македонија, кои не дадоа коментари за исходот од разговорите, јави агенцијата Бета.
Кос нагласи дека земјите членки на ЕУ се потпираат на владеењето на правото, кое подразбира независно судство, избори и медиуми, и дека земјите што целат кон членство, но не можат да гарантираат одредено ниво на владеење на правото, нема да можат да станат членки.
Таа додаде дека земјите од Западен Балкан сега се „во центарот на процесот на проширување“ и дека владеењето на правото им гарантира слобода и сила во тој процес.
„Јасно е дека ако кандидатите не го почитуваат владеењето на правото во нивните земји, тие нема да можат да бидат членки на Унијата“, рече Кос.
Кос не ја спомена Косово кога зборуваше за земјите од Западен Балкан.
Косово поднесе апликација за членство во ЕУ во декември 2022 година, но барањето сè уште не е разгледано, и како резултат на тоа останува единствената земја во регионот без статус на кандидат.
Додека другите земји од Балканот стагнираат во процесот на интеграција, Албанија оваа недела отвори уште неколку поглавја, со што бројот на отворени поглавја достигна 28 од вкупно 33.
Во меѓувреме, Бјере и Кос зборуваа и за воведување дополнителни санкции против Русија, заклучувајќи дека е потребна посилна европска поддршка за Украина, како и поцврст отпор кон Русија.
„Русија е закана за ЕУ. Мора да покажеме решителност и да вршиме дополнителен притисок врз неа“, изјави Бјере.
Од сите земји од Западен Балкан, само Србија не се приклучи на санкциите на ЕУ против Русија. Високите српски функционери продолжуваат да одржуваат блиски односи со Кремљ, и покрај повиците од Брисел дека Србија, како земја-кандидат за членство во ЕУ, е обврзана постепено да ја усогласи својата надворешна и безбедносна политика со онаа на Унијата./РСЕ/



