
Сите политички партии, коалиции и независни кандидати кои сакаат да учествуваат на локалните избори закажани за 19 октомври 2025 година, имаат рок до полноќ за поднесување на своите кандидатури. Апликациите за градоначалници и советници се доставуваат преку овластени претставници во Општинските изборни комисии (ОИК) и во Изборната комисија на Град Скопје (ИКГС).
По приемот на листата, комисијата проверува дали таа е поднесена во рок и дали кандидатите ги исполнуваат законските услови предвидени во Изборниот законик. Државните институции се обврзани да им ги достават на комисиите сите потребни податоци во рок од 24 часа, бесплатно и во електронска форма.
Во случај на неправилности, партиите или коалициите имаат рок од 48 часа за да ги отстранат. Ако кандидат не ги исполнува условите, може да биде заменет со друг во истиот рок. Откако ќе се отстранат неправилностите, комисијата ја потврдува листата со официјална одлука.
Изборниот законик предвидува и можност за повлекување на кандидатура или листа во рок од 48 часа по нејзиното потврдување, но тоа важи само за целосно повлекување на листата, а не за поединечни кандидати.
Редоследот на кандидатите ќе се утврди со ждрепка која ќе се одржи најдоцна до 25 септември. Доделените броеви ќе бидат исти во сите општини и во Скопје, а таму каде што нема претставници бројот ќе се замени.
Во општините каде што најмалку 20 проценти од жителите зборуваат друг службен јазик покрај македонскиот, листите ќе бидат објавени и на тој јазик. Ова треба да се реализира најдоцна до 25 септември, до полноќ.
Како завршен чекор, до 27 септември сите партии и коалиции учеснички треба да го потпишат Кодексот за фер и демократски избори.



