
Народната банка денеска соопшти дека активностите за намалување на надоместоците што банките им ги наплатуваат на граѓаните и компаниите за електронските плаќања веќе даваат видливи резултати.
По интензивната комуникација и намалувањето на трошоците за користење на Системот за меѓубанкарски плаќања на Македонија – СПНМ, банките ги ревидираа своите тарифници и ги намалија цените за услугите за плаќање.
Според НБ, надоместоците за плаќања преку СПНМ се намалени во просек за околу 50%, додека електронските плаќања во рамките на иста банка за граѓаните станаа бесплатни во повеќето банки. За компаниите, тарифите за електронските плаќања преку СПНМ се поевтини во просек за околу 30%, а за внатрешните плаќања за околу 55%. Банките постепено преминуваат кон пониски фиксни тарифи по трансакција, познати однапред и независни од износот на плаќањето.
Новите пониски тарифи веќе се применуваат во дел од банките, а останатите ќе почнат да ги применуваат најдоцна до октомври.
Од Народната банка потенцираат дека овие промени се дел од визијата за дигитализација и модернизација на платниот систем, со што се поттикнува користењето на електронските услуги, се зајакнува довербата во финансиските институции и се придонесува за општествената одговорност на банкарскиот сектор.


