
Амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Скопје, Ангела Агелер, ѝ предаде на претседателката на Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, писмо со честитка од американскиот претседател Доналд Трамп по повод Денот на независноста.
Во писмото на претседателот Трамп се нагласува посветеноста на Вашингтон за понатамошно зајакнување на соработката и партнерството со Северна Македонија.
„САД со нетрпение очекуваат понатамошен напредок на блиската соработка и партнерството меѓу двете земји во годините што следуваат“, стои во соопштението на Американската амбасада, проследено со пораки #USMK30 и #30YearsForward.
Овој дипломатски гест доаѓа во рамките на 30-годишнината од воспоставувањето на односите меѓу Северна Македонија и САД, кои остануваат стратешки партнери во областа на безбедноста, демократијата и евроатлантската интеграција.



