
Здружението на новинарите на Македонија го осуди нападот врз новинарот Фуркан Салиу од страна на извршителката Весна Јакимовска од Кичево. Како што пишува ЗНМ во писменото соопштение, ќе се искористат сите законски средства за да се побара кривична и дисциплинска одговорност од извршителката.
„Овој скандалозен настан следува по серијата истражувачки стории поврзани со извршителката од страна на ПорталИкс и Салиу, кој денеска при земање на изјава од извршителката бил физички нападнат од неа и притоа се здобил со повреда на раката но и скршен микрофон од неговата опрема. Колегата Салиу на местото на настанот повикал полиција и во моментов дава исказ во полициската станица. За овој настан известен е и обвинител од Кичево.
ЗНМ веднаш стапи во комуникација со контакт точките во МВР и ОЈО поврзани со вакви случаи за да го следи случајот одблизу“, вели ЗНМ.
Здружението на новинари потсетува дека нападот врз новинар или медиумски работник при вршење професионална должност е кривично дело, додека МВР и обвинителството имаат обврска да постапуваат по службена должност.
„ЗНМ за овој случај освен за кривична одговорност, ќе побара и дисциплинска мерка, согласно кодексот на професионалната етика на извршителите за одземање на лиценцата за работа од страна на Комората на извршители на Република Северна Македонија“, вели ЗНМ.


