
Денес, Парламентот со 81 глас „за“ и 19 „против“ ги усвои измените на Законот за прекршоци со скратена постапка, со што се отвора патот за официјален почеток на системот „Safe City“. Овој автоматизиран систем за евидентирање и санкционирање на сообраќајни прекршоци ќе започне да функционира од 1 февруари.
Гласањето беше спроведено номинално, по барање на координаторката на „Европскиот фронт“, Рина Ајдари, што значи дека секој пратеник гласаше поединечно. За усвојување на законот беше потребно двотретинско мнозинство, но и покрај тоа, пратениците од СДСМ и ДУИ не ги поддржаа законските измени.
Во првата фаза, системот „Safe City“ ќе регистрира четири категории прекршоци: пречекорување на дозволената брзина, поминување на семафор на црвено светло, истек на сообраќајната дозвола и неправилно запирање или паркирање. По евидентирањето на прекршокот, сопственикот на возилото ќе добие СМС и е-пошта со линк за преземање на записникот и платниот налог. Плаќањето ќе може да се изврши онлајн, а доколку се изврши во предвидениот рок, нема да има дополнителни трошоци.
Во следната фаза се предвидува проширување на листата на прекршоци кои ќе се следат автоматски, а надлежните институции велат дека овој систем ќе помогне во превенцијата и намалувањето на сообраќајните незгоди. За прекршоците што вклучуваат забрана за управување со возило, Министерството за внатрешни работи ќе достави барање до суд за поведување постапка.
Граѓаните ќе можат да платат половина од казната доколку тоа го сторат во рок од 8 дена од приемот на известувањето. Плаќањето ќе може да се изврши во банка, во најблиската полициска станица, преку банкарски апликации, како и преку новата апликација на МВР, со зајакнати безбедносни механизми.



