
Службата на Владата за општи и заеднички работи соопшти дека направила „ненамерен пропуст“ во промотивните материјали што биле дистрибуирани до дипломатските претставништва, откако на крајот од еден нотес била отпечатена мапа на која Косово е прикажано како дел од Србија, без да фигурира како независна држава.
Станува збор за материјал кој бил доставен до неколку амбасади, отпечатен исклучиво на македонски јазик и придружен со повеќебојна мапа на Европа. Токму таа мапа предизвика реакции, бидејќи Косово не е прикажано како држава, туку е вклучено во територијата на Србија.
Во официјален допис упатен до Амбасадата на Косово, Службата на Владата изразила длабоко извинување, оценувајќи го случајот како техничка грешка, и информирала дека спорниот материјал веднаш ќе биде повлечен од употреба.

Иако институциите инсистираат дека станува збор за технички пропуст, случајот доаѓа во чувствителен политички контекст, особено по јавните изјави во кои високи владини претставници ја користеле терминологијата „Косово и Метохија“ – термин кој директно е поврзан со официјалниот наратив на Србија, а не со меѓународно прифатените ставови.
Дополнително, во одредени учебници од кои учат и албанските деца, во некои случаи Косово е прикажано како дел од Србија.ПорталX



