
На 12 декември, командирот на Полициската станица Кочани, Горан Миленкоски, е затекнат и фотографиран како со службено возило е паркиран на тротоар, спроти ресторан каде што се одржувала приватна забава. Не станува збор за службена интервенција, ниту за итен случај, туку за очигледно приватно присуство.

Според информациите со кои располагаме, Миленкоски е времено распореден на функцијата во Кочани. Токму поради тоа, за да не му се исплаќаат патни трошоци на релација Скопје–Кочани–Скопје, МВР му ставило на располагање службено возило. Но тоа не значи дека возилото е негова приватна сопственост.
Правилата се јасни: по завршување на смената, службеното возило треба да биде паркирано во кругот на најблиската полициска станица според местото на живеење – во овој случај ПС Аеродром. Наместо тоа, возилото се користи за лични потреби, се носи до домот на командирот и се паркира на тротоар, во грубо кршење на сообраќајните и интерните правила на МВР.

Дополнително, се појавуваат обиди ова однесување да се оправда со присуство на предновогодишна прослава на синдикат. Но ваквото оправдување паѓа во вода. МПС и НСП се единствените репрезентативни синдикални организации во МВР. ИПА, како меѓународна асоцијација, не е опфатена со Колективниот договор и не може да служи како алиби за користење службено возило за приватни настани.
PortalX упати конкретни прашања до Министерството за внатрешни работи:
– Кој му издал налог на командирот Горан Миленкоски да го користи службеното возило со регистарски таблички SK 92217 BS?
– Која била целта на патувањето на 12 декември?
– Кој е наредбодавателот за ова користење?
– Дали е констатиран прекршок за погрешно паркирање и злоупотреба на службено возило?
До моментот на објавување на овој текст, МВР молчи.
Прашањето е едноставно: дали за обичните граѓани правилата важат, а за командирите не? Или МВР свесно гледа настрана додека поединци во униформа прават што сакаат?



