XВестиЛокално

Ниту „Мегавин“ се затвори, ниту казината се оддалечија од училиштата

Паралелно со новогодишната магија во Скопје, Државната лотарија на Северна Македонија преку платформата „Мегавин“ го почна карванот „Jingle bets“, нудејќи им забава и потенцијални добивки на граѓаните преку онлајн игрите на среќа.

„Мегавин“, единствената платформа за онлајн игри на среќа која го доби статусот на монополска откако Владата ги згасна концесиите со другите фирми во кои акционерското друштво имаше доминантна сопственост од 51 насто во косопственоста, требаше да ја доживее истата судбина. Но, веќе повеќе од една година функционира непречено, а во изминатиот месец доби засилна промоција и кампања – на ТВ, интернет и јавниот простор – на постојки, автобуси и билборди.

А политичкото ветување датира од уште од 26 септември 2024 година, откако еден ден претходно Владата ја задолжи Државната лотарија да ги започне постапките за укинување на фирмите „МОЦАРТ ДОО“, „БИТС 77 СКОПЈЕ“ и „ВЕЗУВ ДОО Скопје“ како и платформата „2win.mk“ каде сопственоста ја делеа Државната лотарија и „НОВО ВЛТ“. Според податоците, сите овие платформи ги користеа околу 80.000 играчи.  

Ден после задолженијата од Владата, тогашниот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити кажа дека затворањето на „Мегавин“ е процедура сама по себе.

„МЕГАВИН“ е 100% државна која организира онлајн и има поинаква процедура. На следниот состанок во вторник, исто така ќе биде затворена и таа и 100% онлајн игрите на среќа ќе бидат надвор од функција во РСМ. Во исто време, има одлука во Владата каде е објавена жестока војна, бидејќи има онлајн казина кои се организирани од компанијата, но има онлајн казина на црно, на диво кои го организираат бизнисот со казина за другите земји во регионот за Турција, Грција и Албанија“, изјави Меџити.

Тогаш, опозициската ДУИ му ја залепи етикетата Изет Мегавин Меџити, како политичка навреда и обвинување за поврзаност со „Мегавин“, тврдејќи дека тој го штити од затворање, иако ветил борба против онлајн казината.

Кога медиумите во февруари 2025 година потсетија на ветувањата за затворање на „Мегавин“, од Владата рекоа дека е потребна детална анализа, без воопшто и да го спомнат прашањето за затворањето. Владата се правдаше дека се работи за покомплексен процес за кој е потребна детална анализа и дека се работи на нов Закон за игрите на среќа, кој има за цел да ги надмине сите претходно констатирани недостатоци. Таков закон подоцна во јули и беше поднесен до Собранието откако беше усвоен на Влада.

Од тогаш до денеска измина уште нецела година, но епилог нема.

ПорталХ се обрати до Државна лотарија и побара, но не доби одговори за зошто „Мегавин“ се уште функционира и дали се планира да се задржи неговата монополска позиција во онлајн игрите на среќа. Одговори не добивме од Лотарија ниту за обвинувањата дали со „Мегавинот“ се штитат партиски бизнис интереси, ниту за финансиските приходи кои ги остварил во изминатата 2025 година? 

На прашањата зошто „Мегавин“ не е затворен и кога ќе се случи тоа, ПорталХ одговор доби од Владата, но, не конкретен.   

„По однос на овие прашања Владата, постапува согласно сите законски надлежности, а дополнително во тек е донесување на нов Закон за игрите на среќа, кој ќе го регулира ова прашање“, одговорија од Владата.

Нов закон за игри на среќа – кој по ред?

ПорталХ дознава дека Предлог законот за игри на среќа, кој во јули годинава помина во владина процедура и Министерството за финансии како предлагач го достави до Собранието е повлечен на доработка. Тоа го потврдија и актуелни пратеници во законодавниот дом.

Според ова предложено решение, кое беше најавувано како своевидна борба против огромната застапеност на физички локации за игри на среќа, за казината и автомат-клубовите кои имаат видеолотариски апарати беше предвидено да се одалечат на најмалку 500 метри пат од основните и средни училишта.

За разлика од казината и автомат – клубовите, измените требаше да ги изземат обложувалниците, кое според сега повлеченото решение немаше потреба да се селат од локациите каде се сместени. За нив беше предвидено друга регулација – во нив да нема видеолотариски апарати, а исклучок да бидат оние кои се оддалечени на половина километар од училиштата. Во нив, да може да се игра на најмногу пет ВЛТ апарати. Но, овој закон е повлечен од собраниска процедура.

Во моментов, во Собрание се наоѓаат предлог измените на актуелниот закон за игри на среќа по скратена постапка, кои се поднесени од пратеници од СДСМ во однос на финансирањето на културното наследство. 

„Се предлага членот 16 од Законот да се измени, на начин со кој ќе се даде основ средствата остварени по сите основи од приредувањето на игрите на среќа и на забавните игри да се користат и за јавните установи за заштита на културното наследство преку Министерството за култура и туризам (во износ кој се определува на 50% од вкупниот приход од игрите на среќа и забавните игри утврден во претходната календарска година, но не помалку од 60 милиони денари и не повеќе од 120 милиони денари)  и за стипендирање на дефицитарни кадри во заштитата на културното наследство преку Министерството за образование и наука (во износ кој не може да биде помал од 30 милиони денари и не поголем од 50 милиони денари)“, пишува во доставените измени од СДСМ, објавени на сајтот на Собранието.

И додека онлајн „Мегавинот“ непречено функционира, нема нов закон за игри на среќа, државата засега води борба само во делот на елеминирање на нелегалните онлајн платформи. Последните информации кои ги соопшти министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски се дека нови 33 нелегални веб-страници се забранети за коцкање, со што нивниот број достигна 307. Иако, бројката на вакви илегални платформи каде македонските граѓани ја предизвикуваат среќата е многу поголем.PortaliX

Related Articles

Back to top button