XВестиЛокално

Владиниот координатор за медиуми, Латиф Арифи, поврзан со портал кој зема пари за изборно рекламирање

Во екот на кампањата за вториот круг од локалните избори, граѓаните беа засилено „бомбардирани“ од прес – конференции, промоција на кандидати за градоначалници и советници, меѓупартиски препупувања и обвинувања и дезинформации.

Од морето вести во етерот, една имаше поинаква тежина. Под превезот на „ексклузивна“, порталот Фол.мк на 23 октомври објави дека лидерот на ДУИ, Али Ахмети се повлекува од политиката по вториот круг од локалните избори.

„Извори во ДУИ посочуваат дека тој веќе им ја соопштил оваа одлука на некои од неговите најблиски соработници, додека се консултирал и со партнери од Албанија и Косово. Се очекува оваа одлука да биде објавена по вториот круг од изборите, за да не им се наштети на кандидатите на НАИ кои се натпреваруваат во вториот круг“, напиша Фол.мк.

Оваа вест беше пренесена од речиси сите домашни медиуми. Ден потоа, тогашниот портпарол на интегративците Арбер Адеми, нарекувајќи ја веста дезинформација, негираше дека Ахмети ќе се повлече од политичката сцена. Неодамна, на 20 декември на Конгресот на ДУИ, како единствен кандидат на петтиот конгрес на партијата, Али Ахмети беше реизран за лидер на оваа опозициска партија.

Анализата на објавените текстови на медиумот Фол.мк покажуваат критички и напаѓачки тон кон партијата ДУИ и информативен и позитивен тон за политиките на владејачката ВРЕДИ. Како колумнист на медиумот се појавува националниот координатор за комуникација и медиуми назначен од Владата, Љатиф Арифи. Медиумот ги пренесува и неговите телевизиски настапи и ставови поврзани со изборите, критикувајќи ги политиките на опозициската ДУИ.

Сепак, името на Љатиф Арифи се  поврзува и во друг контекст со медиумот. Издавач на порталот Фол.мк е компанијата ФОЛ МЕДИА ДООЕЛ Тетово, чиј управител од јуни 2025 година е Илир Арифи. Претходно, до почетокот на  јуни 2025 година, како нејзин сопственик и управител во Централниот регистар е впишано името токму на Љатиф Арифи.

Но, неговото име се уште фигурира во официјалните регистри и документи поврзани со Фол.мк.

Според официјалниот регистар на МАРНЕТ кој е официјален регистар за МК домени во земјата, доменот fol.mk е регистриран од Љатиф Арифи од Тетово, кој е наведен како регистрант и административен контакт. Ова го потврдува неговиот статус на сопственик на доменот, валиден до август 2026 година. Адресата која е пријавена од Љатиф Арифи е и актуелната адреса на Фол.мк впишана на сајтот на медиумот. Телефонскиот број оставен во Марнет, доколку се впише на апликацијата Вибер, го појавува ликот на националниот координатор Љатиф Арифи.

Името на Љатиф Арифи се појавува и во официјалните документи поднесени од Фол.мк до Државната изборна комисија за медиумот да може да добие државни пари за рекламирање на изборите.

Во јавно објавените документи од ДИК е наведено дека барањето за упис во регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и интернет портали го поднесува Љатиф Арифи, кој ги доставува потребните документи за регистрација во регистарот. Тоа се случува во два наврати – за првиот круг на локалните избори поднесено во средината на август.

 Второто барање е поднесено минатиот месец за претстојните повторени избори во четирите општини, кои треба да се одржат на 11 јануари.  

Во моментов, на сајтот на Фол.мк може да се забележи промоција на Невзат Бејта, кандидатот на коалицијата ВЛЕН за претстојните локални избори во Гостивар.

ДИК се уште ги нема јавно објавено колку пари добиле медиумите за кои беа предвидени 6,5 милиони евра државни пари за платено политичко рекламирање на партиите и коалициите.

Портал Икс се обрати и до Владата и до нејзиниот национален координатор за медиуми Љатиф Арифи, кој на функцијата беше назначен на владина седница на 5 август. „Ова важно назначување ја нагласува посветеноста на владата за зајакнување на комуникациските стратегии и промовирање на транспарентна, ефикасна и инклузивна медиумска средина“, напиша вицепремиерот Арбен Фетаи на Фејсбук по неговото назначување.

Но, ниту Владата, ниту нејзиниот национален координатор за комуникација и медиуми не одговорија на прашањата на кој начин Љатифи ја извршува функцијата професионално, во услови кога лично поднесува документи до ДИК за државни реклами за приватен медиум со кој е поврзан. Од Владата не одговорија ниту на прашањето дали оваа ситуација претставува конфликт на интереси според Законот за спречување на корупцијата?

Документите кои ги објавува Портал Икс, во голема мера беа доставени и до Државната комисија за спречување на корупцијата. Од таму рекоа дека допрва ќе се произнесат.

„Ве известуваме дека Државната комисија за спречување на корупцијата ќе го разгледа случајот и ќе оцени дали има елементи за нејзино надлежно постапување во конкретниот случај“, одговорија од институцијата за Портал Икс.

Related Articles

Back to top button