
Владата на Израел ја одобри „првата фаза“ од договорот за примирје, кој предвидува размена на заложници и постепено повлекување на израелските сили од делови на Газа. Сепак, сè уште не е јасно како овој договор ќе се вклопи во поширок план за траен мир.
Шефот на преговарачкиот тим на Хамас, Халил ал-Хаја, изјави дека движењето добило гаранции од САД и посредниците дека првата фаза од договорот значи „целосен крај на војната во Газа“.
Ратификацијата на договорот од израелската влада, потврдена во раните утрински часови во петок, го отвора патот борбите да престанат во рок од 24 часа. На Хамас му е даден рок од 72 часа да ги ослободи израелските заложници.
Според израелските медиуми, десничарските фракции во коалицијата гласале против договорот. Министерот за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир, претходно го предупредил премиерот Бенјамин Нетанјаху дека нема да остане во влада „која ќе му дозволи на Хамас да продолжи да владее во Газа“.
Според Министерството за здравство во Газа, од октомври 2023 година израелската офанзива има предизвикано најмалку 67.194 загинати и 169.890 повредени, додека илјадници тела се уште се верува дека се под урнатините на разрушените згради.
Од друга страна, во нападите на 7 октомври 2023 година во Израел беа убиени 1.139 лица, а околу 200 беа земени како заложници.



