Во јавните и приватни установи за згрижување и воспитание на деца има запишани 41.667 деца на возраст до шест години на ниво на држава, додека уште 4.993 чекаат место. Недостигот од капацитети и стручен кадар останува сериозен проблем за предучилишното образование и воспитание, а во одредени општини, според граѓанските иницијативи, бројот на запишани деца во групите е многу поголем од законски предвидениот.
Додека Министерството за социјална политика, демографија и млади најавува
проширување на капацитетите, од иницијативата „Хумани и безбедни градинки –
Аеродром“ предупредуваат дека пренатрупаноста во постојните објекти ја
загрозува безбедноста на децата и го отежнува воспитно-образовниот процес.
Од Министерството за социјална политика, демографија и млади за ПорталиХ потврдуваат дека најголема потреба од нови капацитети има во Битола, Куманово, Струга, Охрид, Прилеп и Гостивар. Во Скопје, проблемот е најизразен во Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Гази Баба, Бутел и Сарај.
Наместо 12, во градинките во Аеродром и до 44 деца во група со еден воспитувач и еден негувател
Особено загрижувачки податоци изнесуваат од граѓанската иницијатива „Хумани и безбедни градинки – Аеродром“.
Според информациите што иницијативата ги добила од Општина Аеродром, во јаслените групи за деца до две години се запишани меѓу 29 и 44 деца по група, иако законскиот максимум е 12.
Најдрастичен пример е објектот „Бамби“, каде што во една јаслена група има 44 деца. Во „Калинка“ се евидентирани 39, а во „Чекорче“ 37 деца по група.
Од иницијативата тврдат дека за групите со 35 до 44 деца се грижат само еден воспитувач и еден негувател, а во одредени смени децата остануваат со само еден вработен. Според нивните податоци, во градинките во Аеродром недостигаат вкупно 47 воспитувачи и негуватели.
Проблемот не е само во бројот на децата, туку и во просторните услови
Од иницијативата посочуваат дека според Правилникот за стандардите и нормативите на Министерството за социјална политика, демографија и млади предвидена е корисна површина од 2,5 до 3 m² по дете во јаслените групи.
Тие се сомневаат дека во дел од занималните во Аеродром реалниот простор е помал од еден квадратен метар по дете, но наведуваат дека од општината не ги добиле податоците со кои би можеле да го потврдат тоа.
Дополнително од иницијативата велат дека Општина Аеродром со официјално решение потврдила дека не располага ниту изработила каква било Проценка за ризик и капацитети, ниту има изработено Проценка за влијанието на ваквата прекубројност врз безбедноста, евакуацијата и квалитетот на воспитниот процес. Дополнително 5 години по ред општинскиот совет секоја година гласа за прекубројност исклучиво „на хартија“, без стручна оцена за реалните просторни услови.
Недостигот од кадар и преполните групи ја намалуваат можноста за индивидуален пристап кон децата и го загрозуваат квалитетот на воспитно-образовната работа
Од „Хумани и безбедни градинки – Аеродром“ предупредуваат дека пренатрупаноста може да има сериозни последици врз безбедноста и здравјето на децата.
Според нив, во случај на вонредна состојба (пожар или земјотрес) физички е невозможно двајца вработени безбедно да евакуираат 44 деца на возраст до две години. Дополнително, поради внесување дополнителни креветчиња и мебел, патиштата за евакуација се стеснети.
Тие предупредуваат и на зголемен ризик од ширење инфекции, но и на намален квалитет на воспитно-образовната работа, бидејќи персоналот во вакви услови е принуден најголем дел од времето да го посветува на основната грижа и физичката безбедност на децата.
Од иницијативата информираат дека оствариле средба со градоначалникот на Аеродром, на која ги презентирале своите барања. Според нив, општината се повикува на фактот дека бројот на присутни деца варира од ден на ден и го посочува новиот објект „Изворче“ како дел од решението.
Сепак, од иницијативата сметаат дека отворањето нов објект нема автоматски да ја намали пренатрупаноста без конкретен писмен план за прераспределба на децата.
Тие поднеле и барања за вонреден инспекциски надзор до надлежните институции, меѓу кои Дирекцијата за заштита и спасување, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Од Иницијативата бараат итно одобрување на согласностите за вработување воспитувачи и негуватели од страна на надлежните министерства, издвојување средства во општинскиот буџет за 2027 година за изградба на нови градинки и адаптација на постојни јавни објекти за згрижување на децата. Бараат и задолжителна проценка за ризик и безбедност пред да се донесе каква било идна одлука за прекубројност во Советот на Општината.
Се градат и прошируваат градинки во повеќе општини
Од Министерството за ПорталиХ информираат дека во тек се повеќе проекти за изградба, доградба и адаптација на градинки.
Меѓу општините каде што се реализираат вакви проекти ги наведуваат Делчево, Свети Николе, Аеродром, Бутел, Могила, Битола, Кисела Вода, Гази Баба, Петровец, Карпош и Ѓорче Петров.
Дополнително, преку програма поддржана од Светска банка, неодамна завршил јавен повик за отворање нови капацитети, на кој пристигнале околу 26 апликации што во моментов се оценуваат.
Од Министерството информираат дека преку поддршка од Светска банка се потпишани договори за адаптација и проширување на капацитетите и подобрување на просторните услови во градинките во општините Босилово, Бутел, Гостивар, Росоман, Боговиње, Чешиново-Облешево, Велес, Пробиштип, Штип и Зелениково.
Во тек се и постапки за реализација на вакви проекти во општините Карпош, Чашка, Зелениково, Гази Баба (населба Синѓелиќ), Брвеница, Аеродром, Валандово и Желино.
Сепак, во доставените одговори не се наведени конкретни рокови кога сите најавени и започнати објекти ќе бидат ставени во употреба, ниту колку нови места вкупно ќе обезбедат.
Најавените ваучерите за приватни градинки сè уште се само идеја
На конференцијата „Ран почеток, трајни придобивки – градинка за секое дете!“, одржана годинава беа презентирани наоди и препораки од анализата на УНИЦЕФ за иновативни модели на финансирање на предучилишното воспитание и грижа, а говореше и тогашниот министер за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, каде што тој посочи дека во соработка со проектот на Светска банка за подобрување на социјалните услуги и со УНИЦЕФ, ќе предложат модел за ваучери со кои децата од ранливи семејства и децата кои се на листи на чекање би можеле да добијат можност за запишување во приватни градинки.
Повеќе од 79.000 деца на возраст од 0 до 6 години не се запишани во некој облик на градинка, а за да се постигне националната цел од 65 проценти запишани деца во градинка до 2032 година, потребни се околу 19.000 дополнителни места, се вели во анализата на УНИЦЕФ.
Од Министерството потврдуваат дека овој модел сè уште е во почетна фаза на разгледување.
„Концептот за ваучер-систем моментално се наоѓа во работна фаза на разгледување на идејата“, наведуваат од Министерството.
Оттаму појаснуваат дека допрва треба да се дефинираат бројот на деца што би биле опфатени, начинот на функционирање и критериумите за доделување ваучери.
Приоритет, според Министерството, би имале семејствата на кои поддршката им е најпотребна, со цел да се обезбеди еднаков пристап до предучилишното згрижување.
Каде се заглавени одобрувањата за нови вработувања во градинките?
И покрај реакциите во јавноста за недостиг од кадар во градинките во повеќе општини и барањата за нови вработувања, останува нејасно колку согласности се побарани, колку се одобрени и каде доцнат постапките.
Од Министерството за социјална политика, демографија и млади не добивме конкретни податоци за актуелниот недостиг од кадар по општини и јавни установи. Оттаму посочуваат дека се во постојана комуникација со установите за нивните потреби, вклучително и за потребата од кадар, со цел да се обезбеди нивно непречено функционирање.
Од Министерството информираат дека од почетокот на мандатот на Владата се вработени и унапредени околу 1.000 воспитувачи, негуватели и друг стручен кадар во јавните установи за предучилишно воспитание и образование.
„По доставување на барањата за согласности од страна на градинките, Министерството ги доставува истите до Министерството за финансии, кое е надлежно за нивно одобрување“, наведуваат од Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Сепак, останува отворено прашањето колку барања во моментов чекаат одобрување и колку долго траат постапките. Пример за проблемите со обезбедувањето кадар се и градинките во Општина Центар. Како што објави „Слободен печат“, Општината поднела барања за нови вработувања, но потребните согласности не биле одобрени.
Сепак, ретки се случаите кога Министерството ги одобрува
барањата за вработување. Таков е и случајот со детската градинка „Бамби“ во
Општина Чаир, за кој известуваше ПорталиХ. Значителен број негувателки, кои
првично биле ангажирани со договори за работа, останале без работа откако
Министерството не го одобрило барањето на Општина Чаир за нивно вработување.
Авторка: Бојана Спасовска






