
Општина Гази Баба извршила дискриминација врз жителите на улицата „Методија Андонов Ченто 2“ во населбата Економија врз основа на нивната етничка припадност. Ова го утврди Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, постапувајќи по претставка поднесена од жителите на оваа улица. Според одлуката на Комисијата, Општината намерно го исклучувала јавното осветлување по 21:00 часот, лишувајќи ги жителите од оваа јавна услуга, иако тие ги плаќаат истите комунални давачки како и останатите граѓани.
„Вие таму крадете струја“ – ваков одговор добиле жителите на населбата Економија кога се обратиле до Општина Гази Баба и до економскиот оператор ЈЕС Глобал, барајќи решение за проблемот со кој се соочуваат. Во претставката се наведува дека, и покрај тоа што плаќаат исти комунални услуги како соседните населби, забележале очигледни разлики во обезбедувањето на јавните услуги.
„На 20 март 2026 година, за празникот Бајрам, јавното осветлување не било исклучено, поради што жителите сметаат дека Општината тој ден ги ‘почестила’ со осветлување. Со тоа, макар и несвесно, го потврдила нивниот впечаток дека ги третира како група што треба да биде ‘почестена’, а не како граѓани кои имаат право на еднаков третман со сите останати“, се наведува во одлуката на Комисијата.
Во својот одговор до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Општина Гази Баба ги отфрли наводите за нееднаков третман на жителите од населбата Економија. Според Општината, исклучувањето на јавното осветлување на улицата „Методија Андонов Ченто 2“ било преземено од превентивни причини.
„Исклучувањето на јавното осветлување на оваа улица е поради преоптовареност на електричната мрежа, што претставува сериозен технички проблем и може да го загрози животот на граѓаните“, се наведува во образложението на Општина Гази Баба.
Општината дополнително посочува дека уште една причина за исклучувањето биле сомневањата за нелегални приклучоци на електричната мрежа.
Сепак, Комисијата оцени дека овие аргументи не се поткрепени со веродостојни докази. Според неа, извештајот на економскиот оператор на кој се повикува Општината не е заверен, ниту архивиран согласно законските прописи, а недостигаат и елементи што ја потврдуваат неговата автентичност.
Комисијата исто така истакнува дека Општината не докажала дека ги исцрпила сите други можни мерки за решавање на проблемот, не докажала постоење на нелегални приклучоци и, наместо да го адресира конкретниот проблем, го лишила целото население од јавна услуга.
Во своето образложение, Комисијата оценува дека Општина Гази Баба не ја исполнила законската обврска предвидена во член 22 став 1 точка 4 од Законот за локалната самоуправа, според која е должна да обезбеди јавно осветлување за жителите на улицата „Методија Андонов Ченто 2“ во населбата Економија.
Како последица на тоа, на жителите на оваа улица не им бил обезбеден еднаков пристап до јавни добра и услуги во споредба со жителите на околните улици. Поради тоа, Комисијата утврди дека Општина Гази Баба извршила директна дискриминација врз основа на потекло и национална или етничка припадност, во областа на пристапот до добра и услуги, кон жителите на улицата „Методија Андонов Ченто 2“.
Комисијата ѝ препорача на Општина Гази Баба да престане со нееднаквото постапување при вршењето на своите надлежности и во рок од 30 дена да преземе мерки за решавање на проблемот. Во спротивно, најави дека ќе иницира прекршочна постапка.
Ова не е првпат жителите на населбата Економија да се жалат на негрижа од страна на Општина Гази Баба. На 2 септември 2025 година, PortaliX објави сторија во која жителите укажаа на одолговлекувањето на работите на канализациската мрежа, при што беше оштетен единствениот пат што ја поврзува населбата со останатите делови од градот. Тие истакнаа дека, иако редовно ги плаќаат даноците, се оставени на маргините и дека најголемиот дел од инвестициите во нивната населба ги реализирале со сопствени средства.
Во врска со овој случај, жителите за PortaliX велат дека проблемот сè уште не е решен. Според нив, со почетокот на летниот период е променето само времето на исклучување на јавното осветлување. Наместо да се исклучува во 21:00 часот, како што било претходно, сега се исклучува околу 23:30 часот или на полноќ.



