XВестиЛокално

Притвор за поранешниот државен правобранител Фехми Стафа, осомничен за мито од 50 илјади евра

Кривичниот суд го прифати предлогот на Обвинителството и му определи мерка притвор во траење од 30 дена на поранешниот државен правобранител Фехми Стафа, поради опасност од бегство и можност за влијание врз сведоци.

Според Обвинителството, Стафа е осомничен дека примил вкупно 50.000 евра мито, ветувајќи дека ќе влијае врз укинување на мерката притвор за лице осомничено за финансиски кривични дела, кое се наоѓа во бегство.

„Првично, осомничениот побарал износ од 100.000 евра за да влијае врз укинување на мерката притвор определена за лице недостапно за органите на прогон, против кое Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција води постапка за кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството“, информираат од Обвинителството.

На 6 октомври 2025 година, осомничениот наводно примил 30.000 евра, кои му биле предадени од сестрата на лицето во бегство. На 13 декември 2025 година, тој побарал и примил уште 20.000 евра, кои, според истрагата, биле наменети за да му бидат предадени на судија.

„Веднаш по приемот на парите, осомничениот е уапсен, а при претрес кај него биле пронајдени парите“, соопштуваат од Јавното обвинителство.

Related Articles

Back to top button