
Локалните избори што ќе се одржат на 19 октомври во Македонија ќе бидат следени од голем број набљудувачи на ОБСЕ-ОДИХР. Во мисијата ќе бидат ангажирани вкупно 274 набљудувачи – 24 долгорочни и 250 краткорочни.
Претседателот на Државниот завод за ревизија, Максим Ацевски, денеска оствари средба со шефот на мисијата на ОБСЕ-ОДИХР, Матео Мекачи. На средбата се разговарало и за финансирањето на политичките партии за време на изборните кампањи.
Во конечниот извештај за претседателските и предвремените парламентарни избори во 2024 година, ОБСЕ-ОДИХР оцени дека законската рамка обезбедува основа за демократски избори, но сè уште недостигаат доволни регулативи, особено за претседателската трка. Извештајот, објавен на 23 септември, содржи 25 препораки за унапредување на изборниот процес и негово усогласување со меѓународните стандарди.
Изборната кампања за локалните избори ќе започне на 29 септември и ќе трае до 17 октомври. Гласањето ќе се спроведе на 19 октомври во 80 општини и во Град Скопје, на вкупно 3.480 избирачки места. Доколку има втор круг, тој ќе се одржи на 2 ноември.



