
Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, денеска се сретна со младите од општината, каде го презентираше својот визионерски проект „Нов Чаир“. Во центарот на планот тој ја стави финансиската и одлучувачка моќ на младите, потенцирајќи дека повеќе од 43% од населението во Чаир е под 30 години.
„Не можете да дизајнирате визија за ‘Новиот Чаир’ без да ги вклучите оние што сочинуваат 50% од населението на Чаир. Тоа е нашата најголема сила и највредниот капитал,“ рече Османи.
Тој го најави проектот за изградба на мултифункционален центар на плоштадот „Скендербег“, кој ќе опфаќа три главни компоненти:
• Дигитална и иновативна лабораторија – „простор каде младите ќе можат да ги покажат своите креативни способности преку концептот ‘направи сам’… жив центар за идеи и иновации, каде талентот на младите ќе се претвори во конкретни решенија за Чаир.“
• Модерна библиотека – „Општината ќе ги дигитализира сите потребни книги преку open source системи, така што секој млад човек од својот телефон ќе има пристап до потребната литература… цела библиотека во џебот.“
• Културен центар – „Овој центар ќе биде домот на креативноста во Чаир… културниот живот на Чаир ќе има сцена што ја одразува младинската енергија и талент.“
Според Османи, комплексот ќе биде „срцето на визијата за ‘Новиот Чаир’ и симбол на урбаната преродба на општината.“
Покрај тоа, кандидатот најави:
• Општински стипендии за најдобрите студенти;
• Фонд за иновации, кој секоја година ќе ги финансира најперспективните идеи на младите;
• Поддршка за проекти со вештачка интелигенција, кои ќе ги олеснат услугите на општината и секојдневниот живот на граѓаните.
Османи информираше дека ќе се формира и Младински совет на Чаир, кој ќе одлучува за 5% од општинскиот буџет, како и програмата „Талентите на Чаир“, преку која најдобрите студенти ќе се вработуваат директно во општинската администрација.
Визијата на Османи предвидува и подобрување на јавните простори: реновирани паркови, бесплатен интернет, курсеви по програмирање и дигитални вештини за младите.
„Чаир сакаме да го претвориме во центар на технологијата. Ако половина од населението се млади, тогаш треба да го искористиме овој капитал и да ја изградиме општината на иднината,“ заврши Османи.


