XВести

Бујар Османи ќе се бори против дивоградбите во Чаир со „црвена линија“

Кандидатот за општина Чаир, Бујар Османи, ја оцени општина Чаир како „бетонска џунгла без ред и без план“, која според него е поддржана од локалната власт. За да ја промени состојбата, тој предлага механизам за борба против дивоградбите и телефонска линија за пријавување од граѓаните наречена „Градежна Стража“.

Механизмот „Градежна Стража“ е концепт изграден од пет инструменти насочени кон превенција и транспарентен надзор на градежните процеси:

  1. Урбанистички скенер: Јавна интерактивна мапа во реално време, која ќе ги прикажува сите информации за градбите во Чаир. „Ќе се гледа дали градбата има дозвола, дали има пријава за нелегалност, во кој статус се наоѓа постапката – легализација, уривање или жалба“, објасни Османи.

  2. Анонимно пријавување на сомнителни градби: Секој граѓанин ќе има можност анонимно да пријави нелегална или сомнителна градба. „Граѓаните добиваат алатка во раце, а институциите се соочуваат со јавен надзор кој повеќе не можат да го игнорираат“, рече тој.

  3. Јавна табла со QR-код на секое градилиште: Секој објект во изградба ќе има обврска да постави информативен постер со QR-код, кој ќе овозможи пристап до податоци за инвеститорот, дозволата, надзорот и рокот на изградба. „Ова е јавна контрола во пракса и крај на лажните дозволи, манипулациите и фабрикуваните документи“, изјави Османи.

  4. Црвена линија за пријавување неправилности и корупција: Преку телефон, онлајн формулар или канали на Viber/WhatsApp, граѓаните ќе можат да пријават притисоци, неправилности или коруптивни практики. Пријавите автоматски ќе се проследуваат до антикорупцискиот тим, општинскиот инспекторат и ќе се објавуваат во месечен билтен за транспарентност.

  5. Целосна ревизија на сите градежни постапки: Османи најави дека од првиот ден ќе се спроведе детална анализа на сите постојни градби, дозволи и објекти во процес. „Нема да дозволам никој повеќе да го злоупотребува законот. Ќе се утврди кој и како дозволил градбата“, потенцираше тој.

Related Articles

Back to top button