
Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, пред мајсторите и занаетчиите на Старата скопска чаршија ги претстави своите програмски мерки за зачувување и развој на занаетчиството како столб на културното и историското наследство на градот.
„Старата чаршија е душата на Скопје, жив споменик на историјата, културата и традицијата. Но нејзината иднина зависи од луѓето што ја одржуваат оваа традиција жива. Нашата цел е да ѝ го вратиме на Чаршијата духот и историскиот имиџ, да го сопреме исчезнувањето на занаетите и да создадеме услови тие да продолжат да живеат,“ изјави Османи.
Во рамки на оваа визија, тој најави низа мерки што ќе ја оживеат Чаршијата:
– Програмата „Мајстор и ученик“: субвенции за мајсторите што обучуваат млади; стипендии за учениците и признанија за секој мајстор што ја пренесува својата вештина.
– Фонд на грантови за занаетчиите: средства за алат, суровини, опрема и поправки, како и субвенции за комунални трошоци и закупнина на дуќани во историската зона.
– „Доживеј ја Чаршијата“, денови на занаетчиството: месечни активности со отворени работилници, интерактивни изработки и автентични доживувања за посетителите.
– Дигитална и туристичка промоција: онлајн платформа со печат на потекло „Изработено во Чаршија“, како и поддршка за саеми, изложби и туристички програми.
– Урбана интеграција: вклучување на традиционални мотиви во јавните простори и реконструкции, за Чаршијата да биде уште повидлива во современиот живот на градот.
„Општината ќе застане зад занаетчиите и секој млад човек што сака да научи занает, затоа што тие се чувари на ова наследство. Туристите не доаѓаат овде за ‘брза храна’, туку за историскиот карактер што ја прави Чаршијата незаменлива,“ нагласи Османи.


