
Кандидатот за градоначалник на Чаир, Изет Меџити, го претстави својот план за уредување на урбанистичкиот хаос во Чаир.
Со помош на еден од најпознатите архитекти на Турција, кој работел на големи државни проекти, Бајрам Вардар, со потекло од Скопје, ќе се води овој голем проект.
„Бајрам, ни требаат најдобрите практики од Истанбул и Бурса во Турција. Бидејќи густината што ја има Чаир не постои во регионот, ниту во Европа, ниту на Балканот. Тоа го има само Истанбул, можеби и Бурса и уште неколку големи градови. Ние имаме потреба од решение на прашањето со урбанизмот, сообраќајот и подземната инфраструктура. Од едната страна е Гази Баба, од другата Серава, до Џон Кенеди. Тука е Дижон, е Топанско Поле, и Луан Харадинај, стариот Чаир, тука е Градскиот стадион. Нам ни треба решение за Дижон, Сераво и Гази Баба“, му вели Изет Меџити на архитектот во видеото објавено на социјалната мрежа Фејсбук.
Архитектот Бајрам Вардар изјави дека вакви урбанистички предизвици имаат видено и во неколку турски градови и ја сподели својата визија како Чаир може да стане подобро уредено место за живеење.
„Истите проблеми постојат и во населбата Зафер во Бурса, во Османгази во Бурса, во населбата Есенлер во Истанбул и во Бајрампаша. Ние сме тука за да работиме. Ќе анализираме, потоа ќе работиме на тоа. А потоа ќе му објасниме на градоначалникот и на тимот“, рече архитектот.
„Знам дека решението ќе го направиш со срце. Знам колку многу го сакаш Скопје. И тоа го имаш докажано и со дела“, му вели Меџити на архитектот.
Експертот Бајрам Вардар бил дел од тимот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во периодот кога тој бил градоначалник на Истанбул, како и главен архитект на градот Бурса, придонесувајќи директно во урбаниот развој на овие два града со милионско население.


