XВести

Пензиите зголемени, социјалните додатоци под ветеното: Пет мерки за најранливите сè уште не се исполнети

Анализата на „Фајненс тинк“ покажува дека ветувањето за повисоки пензии е исполнето, додека сите пет следени социјални надоместоци остануваат од 6 до 31 процент под ветените износи. Владата и Министерството велат дека реализацијата продолжува до 2028 година.

Владата го исполнила ветувањето за зголемување на пензиите за 5.000 денари, но ниту еден од петте анализирани надоместоци за најранливите граѓани не го достигнал ветениот износ. Владата и ресорното министерство одговараат дека мандатот сè уште трае и дека мерките се реализираат етапно.

Но, резултатите се значително поинакви кај ветувањата што се однесуваат на социјалната заштита и на граѓаните кои зависат од државните парични надоместоци.

Ова го покажува најновиот извештај на „Фајненс тинк“, насловен „Колку Владата ги исполни своите ветувања во социо-економскиот домен?“, во кој е анализирано исполнувањето на владините ветувања до јуни 2026 година, односно до половината од мандатот 2024 – 2028.

Платформата КОМПАС следи вкупно 139 ветувања од владината програма во пет области, додека во социо-економскиот дел детално се анализирани 44 мерливи ветувања. Од нив, само пет, или 11 проценти, се целосно исполнети. Уште 11 ветувања се движат во насока на исполнување, 21 се оценети како неисполнети, а седум се движат во спротивна насока.

Сите пет социјални надоместоци под ветеното

Според анализата, социјалната заштита е областа со најнизок степен на исполнување. Сите пет следени ветувања за зголемување на надоместоците за ранливи граѓани и семејства се оценети како неисполнети.

Ниту еден од анализираните надоместоци не го достигнал износот наведен во владината програма. Разликите меѓу ветените и фактички исплатените суми се движат од шест до 31 процент.

Кај гарантираната минимална помош било ветено зголемување од 10 проценти, со што надоместокот требало да достигне 5.787 денари. Фактичкиот износ изнесувал 5.445 денари, односно околу шест проценти помалку од ветеното.

Иако станува збор за најмалото процентуално отстапување меѓу петте надоместоци, разликата може да биде значајна за домаќинствата кои живеат со минимални приходи и зависат од државната помош за покривање на основните трошоци.

Најголемо отстапување е регистрирано кај паричната помош за лица со квадриплегија. Ветеното зголемување од 50 проценти требало да го доведе надоместокот до 14.212 денари, но исплатуваниот износ бил 9.807 денари – 31 процент под ветеното ниво.

Кај посебниот додаток било ветено зголемување до 10.020 денари, додека фактички се исплатувале 7.978 денари, или 20 проценти помалку.

Помошта за потполно глуви лица изнесувала 5.604 денари, наспроти ветените 6.497 денари, што е отстапување од 14 проценти.

Под предвиденото ниво останал и надоместокот за скратено работно време. Наместо ветените 23.804 денари, фактичкиот износ бил 20.623 денари, односно 13 проценти помалку.

Во графиконот на деветтата страница од извештајот, реализацијата на овие пет конкретни ветувања се движи од 69 до 94 проценти од ветениот износ. Сепак, бидејќи ниту едно не го достигнало целниот износ, сите се категоризирани како неисполнети.

„Ниту еден надоместок не го достигнал ветеното ниво. Ова претставува систематски неуспех во заштитата на најранливите категории граѓани“, се наведува во анализата.

Пензиите зголемени, но структурните реформи изостануваат

Поинаква е сликата кај пензиите. Ветувањето за зголемување на пензиите за 5.000 денари е оценето како исполнето, откако покачувањето било реализирано во две фази од по 2.500 денари.

Владата во својот одговор до ПоралИкс наведува дека кумулативното зголемување на пензиите во периодот на нејзиното владеење изнесува 7.000 денари. Разликата во бројките произлегува од тоа што „Фајненс тинк“ го оценува конкретното програмско ветување за покачување од 5.000 денари, додека Владата ги вклучува и дополнителните зголемувања.

Но, анализата предупредува дека повисоките пензиски расходи имаат сериозни фискални последици и ја зголемуваат потребата од трансфери од централниот буџет кон Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

„Растот на расходите без паралелно проширување на приходната база создава дополнителен притисок врз фискалната одржливост на системот“, наведува „Фајненс тинк“.

Не се реализирани ниту најавената унификација на деветте групи минимални пензии во единствен износ, ниту ветувањето за изградба на пет домови и осум центри за стари лица.

Оттука, напредокот во пензискиот систем главно се однесува на директното парично покачување, додека структурните и институционалните реформи остануваат без реализација.

Влада: Работиме на анализа на социјалните бенефиции

Од Владата велат дека ја презеле одговорноста за управување со државата во услови на сериозни економски и фискални предизвици, за кои тврдат дека биле наследени од претходната власт.

„И покрај затекнатата состојба, успеавме да реализираме едно од најзначајните ветувања – за неполни две години ги зголемивме пензиите за вкупно 7.000 денари за сите пензионери, што претставува историски најголемо линеарно зголемување“, наведуваат од Владата.

Во однос на социјалните надоместоци, од Владата посочуваат дека во тек е анализа на системот.

„Во моментот следува студиозна анализа на социјалните бенефиции, чија крајна цел е трансферите да пристигнат до оние корисници на кои им се најпотребни паричните надоместоци, согласно растот на трошоците на живот“, се вели во одговорот.

Владата тврди дека во системот биле затекнати случаи на исплата на социјални права на лица кои не се наоѓале во социјален ризик и најавува дека подобрувањето на социјалната заштита ќе биде еден од приоритетите во наредниот период.

„Нашата цел е сите категории граѓани да почувствуваат подобар животен стандард преку мерки кои се финансиски одржливи и долгорочно применливи“, велат од Владата.

„Не станува збор за отсуство на активности“, тврди Министерството

Од Министерството за социјална политика, демографија и млади одговараат дека извештајот се однесува на реализацијата на ветувањата во текот на цел четиригодишен мандат и дека Владата сè уште има две години за целосна имплементација на политиките.

„Оценката дека тие се „неисполнети“ се однесува на фактот дека нивната целосна реализација е предвидена до крајот на четиригодишниот мандат на Владата, од 2024 до 2028 година, а не дека не се преземени активности“, наведуваат од Министерството.

Оттаму додаваат дека политиките се во различна фаза на реализација и дека дел од системските реформи во социјалната заштита се спроведуваат етапно.

„Во моментов се наоѓаме на половина од мандатот, што значи дека остануваат уште две години за целосна имплементација на предвидените политики. Оттука, досегашниот степен на реализација укажува дека активностите се одвиваат согласно планираната динамика“, се вели во одговорот.

Министерството не се согласува со оценката дека социјалната заштита е една од најслабите области и наведува дека работи на темелна анализа на системот, со цел мерките да бидат насочени кон граѓаните на кои им се најпотребни и истовремено да бидат долгорочно одржливи.

Кој добил приоритет во првата половина од мандатот?

Податоците покажуваат различно темпо на реализација на ветувањата за различни групи граѓани.

Линеарното покачување на пензиите, мерка која опфаќа голем број граѓани и има висока политичка видливост, е реализирано во ветениот износ. Наспроти тоа, потаргетираните надоместоци за лица со попреченост, сиромашни домаќинства и родители кои работат скратено поради грижа за дете не го достигнале најавеното ниво.

„Фајненс тинк“ препорачува Буџетот за 2027 година приоритетно да ги затвори разликите кај петте социјални надоместоци, како и Владата јавно да претстави конкретен план за исполнување на сите мерливи ветувања или да ги ревидира таргетите кои повеќе не се реалистични.

Точно е дека владината програма се однесува на целиот мандат до 2028 година. Но, дали граѓаните со најголема потреба од државна поддршка треба да чекаат до крајот на мандатот за целосно исполнување на ветените зголемувања и што досегашното темпо кажува за распределбата на владините буџетски приоритети?

Автор: Кристина Ивановска

влада мерки најранливи пензии социјални додатоци

 Edit Post

 Share

Facebook X LinkedIn Tumblr Pinterest Reddit VKontakte Odnoklassniki Pocket Share via Email Print

Pagesa e lehonisë në korrik për muajin maj: “Po i lutemi Fondit për paratë tona.”Pagesa e lehonisë në korrik për muajin maj: “Po i lutemi Fondit për paratë tona.”

Related Articles

Рециклиран закон, нова пропаганда: Megawin и понатаму недопирлив

May 14, 2026

Hajrullahu: Nuk kam maltretuar askënd, e kthejnë vëmendjen nga Reket 2 dhe nga krimi i PSP-së

September 9, 2025

Gjendje e keqe në repartin infektiv të Kumanovës

August 14, 2025

Check Also

Close

Related Articles

Back to top button