
„Нема туѓа нега, не можеме терапијата да ја купиме и контролите да ги обавиме“, „Имаме
деца и семејства, тие не прашуваат дали имаме или немаме“, „Ова е иживување на
сиромашните“, „Пуштете пари на ранливите категории луѓе трпат за леб“.
Со вакви коментари е бомбардиран последниот пост на Министерството за социјалната
политика, демографија и млади од пред една недела во кој министерот Фатмир Лимани
вели дека младите се највредниот ресурс на државата и треба заеднички да се создадат
повеќе можности за да останат во државата.
Во јавните прозивки до министерството да им соопшти кога ќе ги добијат парите, повратен одговор нема.
Револтираните граѓани посочуваат дека исплатата на социјалната помош за најранливите
порано била секогаш на 5-ти во месецот, но, во последните неколку месеци таа знае да
биде исплатена и подоцна, односно дека нема воспоставена пракса и секој месец е
различно.
ПорталХ се обрати во контакт центрите на две комерцијални банки од каде ни кажаа дека
до 11 часот се уште немаат добиено никакво известување од надлежните дека денеска ќе
има исплата на парични надоместоци за социјална помош.
Минатиот месец исплатата беше на 10 јуни. Министерството за социјална политика,
демографија и млади информираше дека причина за доцнењето е поради спроведување
на ново софтверско решение кое треба да донесе модернизација и унапредување на
процесите за обработка и исплата на правата од социјална и детска заштита во центрите за
социјална работа.
Но, ако ова беше оправдувањето на министерството за јуни, тогаш овој месец во што е
проблемот?
ПорталХ утринава се обрати до министерството со цел да добие информација зошто и
месецов по којзнае кој пат доцни со исплатата на социјалната помош за илјадници
корисници и кога граѓаните можат да очекуваат исплата.
Од Министерството објаснуваат дека со најголема сериозност се пристапува кон ова
прашање и интензивно работи за исплатата да биде реализирана во текот на утрешниот
ден.
Објаснуваат дека по воспоставувањето на новото софтверско решение, продолжуваат
активностите за негово целосно усогласување со сите процеси во центрите за социјална
работа, со цел да се обезбеди точна, сигурна и непречена обработка на податоците за
секој корисник.
„Сакаме да потенцираме дека правата на корисниците не се доведени во прашање.
Согласно законската регулатива, не е утврден конкретен законски рок за исплата на овие
права. Сепак тековните активности се насочени токму кон тоа новиот систем да овозможи
постабилна, поефикасна и понавремена исплата. Ги уверуваме сите корисници дека
исплатата ќе биде реализирана веднаш по завршувањето на неопходните финални
активности во процесот на усогласување, а јавноста ќе биде навремено информирана
веднаш штом ќе биде утврден точниот термин за исплата“, рекоа од министерството за
ПорталХ.
Автор: Петар Клинчарски



