Portali X
Граѓаните известуваат

Во „Беко“ наскоро ќе проработи само еден лифт, за останатите ќе се бара решение

1 min 8
Во „Беко“ наскоро ќе проработи само еден лифт, за останатите ќе се бара решение

Еден од вкупно трите лифта во катната гаража „Беко“ се очекува наскоро да биде сервисиран, додека за преостанатите два Град Скопје и ЈП „Градски паркинг“ ќе продолжат да бараат долгорочно решение.

Лифтовите во катната гаража „Беко“ се надвор од функција уште од април. Поради тоа, граѓаните се принудени да ги користат скалите за да стигнат до своите автомобили во седумкатната гаража.

Во одговорот за ПорталиХ, од Град Скопје не појаснуваат зошто сервисирањето на лифтовите се одолговлекува со месеци. Оттаму кусо информираат дека, во соработка со ЈП „Градски паркинг“, работат на изнаоѓање долгорочно решение кое ќе овозможи непречено функционирање на лифтовите.

Од Град Скопје нагласуваат дека станува збор за прашање кое директно ја засега безбедноста на граѓаните, поради што, како што велат, внимателно пристапуваат кон активностите за решавање на проблемот и подобрување на условите во катните гаражи.

Ваквата состојба ја оправдуваат со повеќегодишна негрижа, неспроведување на неопходните големи сервиси и нередовно одржување од страна на претходните раководства. Како сличен пример ја посочуваат и состојбата со Жичницата на Водно.

Проблеми со функционирањето на лифтовите има и во другата катна гаража, „26 Јули“, која исто така е во надлежност на Град Скопје и ЈП „Градски паркинг“.

Според информациите од Град Скопје, во катната гаража „26 Јули“ во моментов е функционален само еден нов лифт, додека во „Беко“ наскоро се очекува овластен сервисер да оспособи еден од трите постојни лифта.

Сепак, од Град Скопје не даваат конкретен одговор зошто, по толку месеци, се планира оспособување на само еден лифт, во каква состојба се преостанатите два и кога граѓаните можат да очекуваат целосно решавање на проблемот.

Во меѓувреме, граѓаните продолжуваат да плаќаат за користење на катните гаражи, иако услугите што треба да ги обезбедуваат овие објекти не се целосно функционални.

Сподели

Слични