XВестиЛокално

ДУИ претставува четири стратешки резолуции

Демократската унија за интеграција (ДУИ) на Петтиот конгрес одржан денеска усвои и претстави четири стратешки резолуции, со кои ја реафирмира својата политичка ориентација кон унитарниот карактер на државата, владеењето на правото, одржливиот развој и европската интеграција на Северна Македонија.

Со резолуцијата за унитарниот карактер на државата, ДУИ бара зајакнување на функционалната еднаквост и воведување двоен легитимитет во процесите на владеење, предлагајќи секоја нова влада да добие поддршка не само од парламентарното мнозинство, туку и од мнозинството пратеници од немнозинските заедници. Воедно, се инсистира на почитување на Бадентеровиот принцип и при одлучувањето на Уставниот суд.

Во резолуцијата за владеење на правото, партијата се залага за независно судство и враќање на довербата во институциите преку сеопфатен процес на ветинг со меѓународен надзор, проверка на имотот на функционерите, институционално расчистување на процесот на приватизација и истрага на безбедносните структури од 1945 година до денес.

Резолуцијата за Национален договор за напредок предвидува нов модел на економски и општествен развој, заснован на конкурентна економија, дигитализација, стабилни јавни финансии, зелен развој, модерна инфраструктура и вложувања во човечкиот капитал, со посебен акцент на младите и спречувањето на иселувањето.

Преку резолуцијата за европска интеграција, ДУИ повторно нагласува дека членството во Европската Унија е единствениот и неповратен пат за државата, оценувајќи го процесот како гаранција за демократија, стабилност, економски развој и зачувување на мултиетничкиот карактер на државата.

Со овие четири резолуции, ДУИ порачува дека се позиционира како политички субјект што се залага за функционална еднаквост меѓу заедниците, правда без селективност, одржлив развој и забрзување на европската агенда, како темели на стабилноста и иднината на државата.

Related Articles

Back to top button