XВестиЛокално

Вонреден инспекциски надзор во Клиниката за гинекологија, СДСМ бара оставка од директорката

Министерот за здравство Азир Алиу иницираше вонреден инспекциски надзор од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат за да се утврдат околностите и целосно да се расветли случајот со смртта на новороденче на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) во Скопје. По овој надзор ќе следи и стручен надзор, соопштија денеска од Министерството за здравство, по објавата на „Слободен печат“.

Од Министерството изразија сочувство до родителите и истакнаа дека институциите ќе постапуваат професионално, стручно и транспарентно, со цел јавноста точно и објективно да биде информирана за околностите на случајот и за преземените активности.

„Во овие тешки моменти за семејството, апелираме да се почекаат наодите од надзорите и обдукцискиот наод, кој е единствен и конечен за утврдување на причините за смртниот исход, со цел да не се создава немир кај семејството и во јавноста“, наведуваат од Министерството.

Оттаму потсетуваат дека Клиниката за гинекологија и акушерство е врвна терциерна здравствена установа со законски пропишани протоколи за постапување во вакви случаи и уверуваат дека јавноста ќе биде навремено информирана веднаш по добивањето на сите конечни наоди.

Како што објави „Слободен печат“, новородено бебе со реална шанса за живот починало на одделот за интензивна нега на ГАК на 1 октомври годинава. На родителите им било соопштено дека смртта била неизбежна и дека ништо не можело да се направи. Сепак, според документи до кои дојде медиумот, случајот во рамки на самата клиника бил пријавен како сомнеж за сериозна лекарска грешка.

Началничката на Одделот за интензивна нега, д-р Елизабета Петковска, писмено пријавила дека несоодветно лекување од страна на педијатарка довело до компликации и смрт на бебето. Во пријавата се наведува дека процесот на реинтубација траел околу 20 минути, период во кој, според наводите, на бебето му биле нанесени тешки повреди што довеле до смртен исход.

Во врска со случајот денеска реагираше и СДСМ, која со огорченост излезе пред Клиниката за гинекологија и акушерство, барајќи одговорност за, како што наведоа, последниот тежок скандал во здравството. Од партијата обвинуваат дека директорката на Клиниката, д-р Ирена Алексиовска Папестиев, се обидела да го сокрие случајот и покрај тоа што била формално известена за сомнежите за лекарска грешка и за смрт со можни пропусти во лекувањето.

„Овде не умрело само едно бебе, овде умреле вистината, лекарската грижа, моралот и одговорноста. Родителите за сомнежите за сериозна лекарска грешка дознале од новинари и свиркачи, а не од Клиниката или од институциите“, порачаа од СДСМ.

Од опозициската партија побараа итна оставка од директорката на Клиниката и целосна, независна истрага, како и одговорност од сите инволвирани, без разлика на функцијата, титулата или хиерархијата.

„Ова не е прашање на политика, туку прашање на живот, вистина и морал. Секој што се огрешил мора да одговара“, нагласија од СДСМ.

Related Articles

Back to top button