ВМРО, ЗНАМ и ВЛЕН со иницијатива за Анкетна комисија за Пулс, Ласкарци, Модуларна и Беса Транс

Пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ денес поднесоа иницијатива за формирање Анкетна комисија која ќе ги утврдува околностите и постапувањето на институциите во неколку од најтешките трагедии во државата. Иницијативата ја соопшти пратеникот Бојан Стојаноски од коалицијата „Твоја Македонија“.
Според Стојаноски, комисијата ќе има задача да утврди одговорност кај функционери, носители на јавни функции и други лица поврзани со трагедиите во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани, пожарот во модуларната болница во Тетово, автобуската несреќа на „Дурмо Турс“ кај Ласкарци и несреќата на „Беса Транс“ во Бугарија.
„77 потписи се доказ дека не сакаме политизација, туку сакаме вистината да се утврди и засегнатите да добијат правда. Сите прашања мора да добијат одговор, а сите случаи свој епилог,“ изјави Стојаноски.
Анкетната комисија ќе биде формирана согласно член 124 став 5 од Деловникот на Собранието и ќе брои 15 членови и нивни заменици. Седум членови ќе ги предложи ВМРО-ДПМНЕ, два СДСМ, два Европски Фронт, два ВРЕДИ, еден ЗНАМ и еден Левица. Комисијата ќе биде предводена од пратеник од редовите на опозицијата.
Стојаноски нагласи дека секоја пратеничка група ќе може да предложи листа на сведоци и експерти. „Секој повикан сведок или експерт има обврска да се појави. Комисијата ќе подготвува извештаи кои ќе се доставуваат до Владата и до Јавното обвинителство,“ рече тој.
Стојаноски ги повика и другите партии да се приклучат на иницијативата: „Ова е шансата за вистински чекор напред кон поправедна и поодговорна држава.“



