
Поранешниот градоначалник на Општина Сарај, Блерим Беџети, остро ги отфрли обвиненијата на Финансиската полиција, која вчера поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје, поврзувајќи го со наводна штета од над 108 милиони денари (околу 1,76 милиони евра). Беџети го оцени случајот како целосно монтиран и политички мотивиран, оркестриран – како што рече – директно од премиерот Христијан Мицкоски, со цел вршење притисок врз пратениците на ДУИ.
„Оваа кривична пријава е политички мотивирана и целосно небазирана на закон. Таа е дел од организиран прогон од страна на Владата и лично од премиерот Мицкоски, со јасна намера да се врши притисок врз мене како пратеник и да се обидат да ја зголемат парламентарната мнозина“, изјави Беџети на прес-конференција.
Според Финансиската полиција, Беџети и уште седум други службеници и поранешни службеници на Општина Сарај и Град Скопје се сомничат дека одобриле лажна градежна документација, иако за катастарската парцела КП 10405/6 во Сарај не постоел важечки урбанистички план. И покрај тоа, биле издадени извештаи за план, одобренија за градење и финансиски пресметки за надоместок за градежно земјиште, со што наводно биле надминати законските овластувања. Во случајот наводно бил инволвиран и надзорниот инженер, кој доставил завршен технички извештај со невистинита содржина. Врз основа на овие дејствија, компанијата „Азра Идриз“ ДООЕЛ Глумово – Сарај, според Финансиската полиција, противправно се стекнала со 108.638.840 денари.
Беџети ги отфрли сите овие тврдења, нагласувајќи дека сите постапки во Општината биле спроведени законски, со валидна документација и во рамките на законските надлежности. „Сите постапки на Општината се спроведени во рамките на законот, со валидни документи и акти. Нема никаква умисла, ниту корист, ниту штета за општината“, рече тој. Според него, издавањето одобренија за градење е законска обврска на градоначалникот, а не кривично дело, а урбанистичкиот план врз кој се темелат одобренијата бил важечки.
Тој го нарече „измислена лага“ тврдењето дека е предизвикана штета од 108 милиони денари, оценувајќи го како политички спектакл и пропаганда. Беџети најави покренување постапки против директорот на Финансиската полиција Слободан Ивановски, заменик-директорот Илбер Имери и уште двајца службеници, кои ги опиша како „организирана банда што спроведува политички нарачки“. „Ќе докажеме со докази дека наредбите доаѓаат директно од премиерот Мицкоски. Ние не се плашиме и нема да му се потчиниме на никого“, истакна тој.
Во својата изјава Беџети нагласи дека овој напад не е само против него, туку против „достоинството на Албанците и нивните легитимни претставници“, додавајќи дека ДУИ „не се плаши и не се продава“, а борбата за еднаквост и достоинство ќе продолжи. Тој повтори дека нема да молчи и дека вистината ќе ја докаже „правно, институционално и политички“. Случајот е пред Обвинителството, кое треба да одлучи за понатамошните чекори.


