XВестиЛокално

Остра реакција од судиите до Мицкоски: „Независноста е нарушена од постојаните мешања на власта“

Врховниот суд, Судскиот совет и Здружението на судии денеска му се обратија со јавно писмо на премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го дека со неговите секојдневни изјави врши политички притисок и директно ја поткопува независноста на судската власт.

Во писмото, судиите ги цитираат најострите делови од својата реакција:

„Веќе подолго време Вашите коментари кои ги давате за судиите и судството ја преминаа границата на доброто однесување и преминаа во неаргументирани и паушални напади.“

Тие нагласуваат дека критиката има смисла само кога е конкретна и придружена со предлози, а го обвинуваат премиерот дека соопштува општи и паушални оценки за да се прикрие дека нема намера да спроведе реформи:

„Критиката е добронамерна само кога се даваат конкретни забелешки и конкретни предлози за решавање на проблемите. Неаргументирана критика е покажување на намера ништо да не се преземе… туку севкупната општествена апатија да се префрли како вина на судиите.“

Судиите потсетуваат дека и најновиот Извештај на Европската комисија ја посочува извршната и законодавната власт како фактори кои влијаат врз независноста на судството:

„Последниот Извештај на ЕК јасно нагласува дека најголемиот проблем во судството е независноста на судиите, која е поткопана од постојано мешање на извршната и законодавната власт.“

Во писмото му одговараат и на тврдењата на Мицкоски од вчера, кога тој го поврза судството со државниот долг:

„Судскиот систем никогаш не генерирал долгови. Напротив, токму судовите преку наплата на паушали и парични казни ја полнат државната каса, а за возврат не добиваат никаков поврат од Буџетот во смисла на нови вработувања, дигитализација или подобрување на условите за работа.“

Судиите го предупредуваат премиерот дека со ваквата реторика го нарушува темелниот принцип на поделба на власта:

„Со Вашите досегашни коментари го нарушувате демократскиот принцип конципиран на рамноправност на трите власти – судската, законодавната и извршната. Судската власт е уставна категорија и нејзината независност мора да се почитува.“

Мицкоски вчера повторно ги критикуваше судиите и обвинителите, зборувајќи дека „реформите значат зголемување на платите“ и прашувајќи ја јавноста дали смета дека треба да се „дуплираат платите на судиите и обвинителите“:

„Еве ја повикувам јавноста нека каже, ако мисли дека треба да ги дуплираме платите на обвинителите и судиите – слободно кажете.“

Ова писмо претставува едно од најострите институционални реакции на судската власт до сега и покажува дека односите меѓу извршната и судската власт се продлабочено затегнати – прашање кое со години го нотира и Европската унија како сериозна пречка за напредокот на земјата.

Related Articles

Back to top button