
Либерално-демократската партија (ЛДП) најави дека ќе предложи измени во Изборниот законик, со кои ќе се забрани привремените градоначалници, кои ќе бидат назначени од Владата поради неуспешните локални избори, да се кандидираат на повторените избори.
Според ЛДП, измените ќе се однесуваат на општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и Центар Жупа, каде што вториот изборен круг беа неуспешни поради недоволна излезност на гласачите.
„Лицата кои Владата ќе ги назначи како привремени раководители на овие општини, до организирањето на новите избори, не треба да имаат право на кандидатура, бидејќи тоа би им дало нефер предност во однос на останатите кандидати“, се вели во соопштението на ЛДП.
Од партијата истакнуваат дека целта на оваа иницијатива е да се спречат евентуални злоупотреби и политички влијанија во периодот до одржувањето на изборите и да се обезбедат фер и еднакви услови за сите учесници во изборната трка.
Овој предлог следи по прифаќањето на уште една иницијатива на ЛДП – враќањето на можноста за референдумско отповикување на градоначалниците, која веќе е во собраниска процедура. Според ЛДП, со овие измени ќе се зголеми одговорноста и транспарентноста на локалната власт и ќе се спречи заштитата на неефикасни функционери.


