Uncategorized @mkXВестиЛокално

Мицкоски по извештајот на ЕК: Дури и ако ги направиме уставните измени, ќе добиеме ново вето

Премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, го коментираше годишниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјата за 2025 година, оценувајќи дека документот е „во целина добар“, но со забелешки кои, според него, биле очекувани. Тој нагласи дека уставните измени не се магично решение за напредок во евроинтеграциите, бидејќи, како што рече, „и ако ги направиме, повторно ќе се соочиме со ново вето“.

„Ако ги направиме уставните измени, ќе добиеме ново вето. Ние сме далеку пред Албанија. Ако ги направиме промените, ќе бидеме најдобрите, шампиони. И потоа – ново вето, нови проблеми,“ изјави Мицкоски со иронија, нагласувајќи дека државата веќе е подобро подготвена од некои соседи во регионот.

Според премиерот, извештајот на ЕК е позитивен во повеќето области, со неколку забелешки во делот на владеењето на правото и борбата против корупцијата. Тој најави дека Владата ќе се фокусира сериозно на реформи во Судскиот совет и Јавното обвинителство, кои ги смета за клучни за враќање на довербата во правосудството.

„Постојат застои во неколку области – сите знаеме кои се тие: владеењето на правото, борбата против криминалот и корупцијата. По изборите сериозно ќе се зафатиме со овие теми. Во сите други области има мал или значаен напредок, така што во целина извештајот можам да го оценам како добар,“ изјави Мицкоски за време на посетата во општина Петровец.

Мицкоски не се согласува со оценките дека другите земји од регионот се пред Северна Македонија. Тој тврди дека државата е пред Албанија во најмалку осум области, иако, како што рече, некои европски комесари даваат спротивни изјави.

„Ако се направи објективна анализа, Црна Гора е прва, на второ место сме ние и Србија, а потоа следуваат Албанија, Босна и Херцеговина и Косово. Ќе работиме напорно, бидејќи оваа влада е реформска,“ додаде премиерот.

Тој рече дека е охрабрен од оценките на ЕК за економските реформи, борбата против перењето пари, подобрувањето на царинскиот систем, воведувањето на заеднички платежен систем и намалувањето на трошоците за роаминг.

Што забележува Европската комисија

Извештајот на Европската комисија за 2025 година за Северна Македонија нагласува дека земјата не презела конкретни чекори за усвојување на уставните измени предвидени во заклучоците на Советот на ЕУ од 18 јули 2022 година, со кои се бара во Преамбулата на Уставот да бидат вклучени и Бугарите.

Комисијата констатира и недостаток на напредок во борбата против корупцијата, при што случаите на високо ниво често се одолговлекуваат, застаруваат или завршуваат со минимални казни.

Во извештајот се наведува дека трагедијата од 16 март 2025 година во Кочани ги открила сериозните слабости во примената на антикорупциските мерки и во работењето на надлежните институции.

ЕК препорачува Македонија да го усвои новиот Кривичен законик, да ги засили антикорупциските стратегии и да обезбеди доволно ресурси за клучните институции.

Извештајот заклучува дека земјата останува само делумно подготвена во областа на владеењето на правото и повикува на забрзување на реформите за Северна Македонија да ја задржи својата кредибилност во процесот на европска интеграција.

Related Articles

Back to top button