Потпишан договорот за меѓудржавниот железнички тунел на Коридорот 8 меѓу Северна Македонија и Бугарија

Министрите за транспорт на Северна Македонија и Бугарија потпишаа Договор за меѓудржавниот железнички тунел на железничката станица во Ѓуешево.
Министерот за транспорт на РСМ, Александар Николоски, го оцени договорот како „сон на генерации од двете страни на границата“, нагласувајќи ја важноста на железничкото поврзување меѓу Скопје и Софија.
„Ова е нешто за кое сме читале и учеле уште како деца – дека двата главни града треба да се поврзат со железница,“ истакна Николоски.
Министерот Караџов од своја страна рече дека денешниот ден е „исклучително значаен“ бидејќи, како што нагласи, се остварува долгогодишен сон.
„Отвораме и обновуваме железница стара повеќе од 100 години. Имавме чест заедно со Николоски да го реализираме овој проект,“ изјави Караџов, кој на настанот пристигна со воз од Ќустендил.
На церемонијата на потпишувањето присуствуваа и претставници на Европската комисија, НАТО, САД, Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој и Светската банка, како и амбасадорката на САД Анџела Агелер.
Директорката на Дирекцијата за Западен Балкан при Европската комисија, Валентина Суперти, нагласи дека договорот е од големо значење за двете држави и за целиот регион, додавајќи дека ЕУ ќе обезбеди финансиска поддршка за имплементација на проектот.
Проектираната должина на тунелот е околу 2,4 километри, од кои 1.189 метри се на територијата на Северна Македонија, а 1.193 метри во Бугарија. Со изградбата ќе се обезбеди директна железничка врска меѓу Скопје и Софија, што претставува клучен дел од Коридорот 8, кој го поврзува Јадранското и Црното Море.
Според проценките, изградбата на Коридорот 8 ќе го зголеми транспортот на стоки за повеќе од 30 проценти, а патничкиот сообраќај за 20–25 проценти во првите години по завршувањето. Проектот се смета и за стратешки коридор на НАТО.
Досега е завршена изградбата и реконструкцијата на делницата Куманово – Бељаковце (30,8 км, 40,5 милиони евра), а во тек е работата на Бељаковце – Крива Паланка (34 км, вредност над 155 милиони евра), каде што прогресот е околу 35 проценти, а завршувањето се очекува до крајот на 2026 година.
Следниот месец ќе биде распишан тендер за изведувач на третата делница Крива Паланка – граница со Бугарија, која ќе го опфати меѓудржавниот тунел и 52 моста, со вкупна должина од 23,4 километри — што се смета за најголемиот предизвик на проектот.



