Европската комисија во најновиот извештај за напредокот на земјите кандидати испрати јасна порака – Северна Македонија мора да ги забрза реформите и да ги усвои уставните измени со кои во Уставот ќе бидат вклучени и Бугарите, како и другите заедници што не се мнозинство.
Во документот се нагласува дека и покрај одреден напредок, уставните измени остануваат непополнета обврска. Комисијата потсетува дека сите билатерални договори – како Преспанскиот со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија – мора да се спроведуваат со искрена политичка волја од сите страни.
Извештајот ги поздравува напорите на Владата во делот на владеењето на правото, реформата на јавната администрација и зајакнувањето на демократските институции. Сепак, во областа на правдата е констатиран само „ограничен напредок“, а како приоритет се издвојува потребата од поголема независност на судството и поефикасна борба против корупцијата.
Како позитивен пример се наведува целосното усогласување на надворешната и безбедносната политика со онаа на Европската унија, како и приклучувањето кон Конвенцијата за заеднички транзит, што ќе овозможи побрз проток на стоки преку границите.
И покрај тоа, Европската комисија нотира ограничен напредок во областа на медиумите. Иако е активиран Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, земјата сè уште се соочува со предизвици во медиумскиот плурализам и слободата на изразување.
Во извештајот се потсетува дека Северна Македонија е дел од групата земји на кои ЕК им одобри дополнителни средства во рамките на Планот за раст на Западен Балкан – како признание за досегашниот напредок во спроведувањето на реформите.



