XВестиЛокално

ОБСЕ/ОДИХР: Загрижувачки притисоците врз избирачите

Мисијата за набљудување на изборите на ОБСЕ/ОДИХР оцени дека вториот круг од локалните избори во Северна Македонија се одвивал на конкурентен начин и им овозможил на гласачите избор меѓу различни алтернативи, но не сите кандидати имале еднакви услови за натпревар. Во првиот извештај, објавен еден ден по завршувањето на изборите, меѓународните набљудувачи посочуваат на сериозни проблеми поврзани со притисоци, правни празнини и транспарентноста на кампањата.

Според ОБСЕ/ОДИХР, изборната кампања во многу општини била конкурентна, но силно била под влијание на етничките поделби и вклучувањето на високи државни функционери во партиските активности.
„Кампањата во многу општини беше конкурентна, но поделбите по етничка основа ги дефинираа некои од трките. Повтореното вклучување на државни функционери во кампањата, како и континуираните обвинувања за притисок врз вработените во јавниот сектор и врз гласачите, како и бројните обвинувања за купување гласови, беа загрижувачки,“ се наведува во извештајот.

Според набљудувачите, изборната администрација ги спровела подготовките ефикасно и транспарентно, иако законот останува нејасен во одредени важни процедури што се однесуваат на вториот круг.
„Изборната администрација ги спроведе подготовките ефикасно и транспарентно, и покрај тоа што одредени клучни процедурни аспекти на вториот круг не се доволно јасно регулирани со закон. Таа продолжи да ужива доверба кај голем број релевантни актери,“ се наведува понатаму.

Во оценката на мисијата се наведува дека постапувањето по жалбите од страна на Државната изборна комисија (ДИК) по првиот круг предизвикало сомнежи во процесот и во правото на жалба како ефективен правен механизам. Набљудувачите исто така посочуваат дека неусогласеноста и бројните правни празнини претставуваат сериозен проблем што влијае врз пристапот до медиумите и системот за решавање на изборни спорови.

Еден од најистакнатите аспекти во извештајот е недостатокот на финансиска транспарентност.
„Ограниченото известување за финансирањето на кампањата и недостатокот на надзорни активности ја нарушуваат транспарентноста и довербата на јавноста, и ја намалуваат отчетноста за време на изборниот процес, што е спротивно на добрите меѓународни практики,“ изјави Матео Мекачи, шеф на Мисијата за набљудување на изборите на ОБСЕ/ОДИХР.

Во заклучокот, мисијата нагласува дека, и покрај некои позитивни аспекти, притисоците врз гласачите, нееднаквоста на кандидатите во кампањата и правните празнини остануваат сериозни прашања што треба да се решат за да се обезбедат повисоки демократски стандарди на идните избори.

Related Articles

Back to top button