
Според најновите податоци од Институтот за јавно здравје, од почетокот на сезоната 2025/2026 во земјава се регистрирани 188 случаи на грип – зголемување од 77% во споредба со истиот период лани и 36% повеќе од просекот на последните 14 сезони.
Најмногу заболени се регистрирани во Гостивар (79 случаи), а највисоката инциденца е забележана во Македонски Брод. Досега се потврдени и две смртни случаи поврзани со грипот.
Епидемиолозите укажуваат дека веќе се забележува забрзано ширење на вирусот на неделно ниво. Само во периодот од 13 до 19 октомври се пријавени 83 случаи на заболувања слични на грип – 66% повеќе од истиот период минатата година и 5% повеќе од претходната недела.
Најпогодени во последната недела се Гостивар (30 случаи) и Тетово (12 случаи), по кои следуваат Куманово, Прилеп, Македонски Брод, Струмица, Неготино и Радовиш.
Повеќето од заболените се лица на возраст од 15 до 64 години, што според експертите е очекувано, бидејќи овој возрасен сегмент има најголема мобилност и најмногу контакти.
И покрај зголемените бројки, инциденцата сè уште е на меѓусезонско ниво – 4,5 случаи на 100.000 жители – што значи дека сезоната на грип формално не е прогласена, но растот на бројките укажува на активно циркулирање на вирусот.
Министерството за здравство обезбеди околу 80.000 дози четиривалентна вакцина против грип за ризичните групи – лица над 65 години, хронично болни, бремени жени, деца од шест месеци до пет години и здравствени работници. Вакцините се аплицираат преку центрите за јавно здравје и преку електронска пријава на vakcinacija.mk.
До средината на октомври, веќе биле вакцинирани 13.273 лица од приоритетните категории, а дополнително се обезбедени и 2.400 комерцијални дози за граѓаните кои не спаѓаат во ризичните групи.
Големиот интерес за вакцинација – со десетици илјади закажани термини во првите денови од кампањата – здравствените власти го толкуваат како зголемена свесност на граѓаните по искуството со пандемијата.


