XВестиЛокално

Никој од обвинетите за пожарот во „Пулс“ не призна вина

Ниту еден од обвинетите за трагичниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“, во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени, не ја призна својата вина во фазата на оценка на обвинението.

Според документите до кои дошол порталот Призма, обвинителниот акт има 117 страници, од кои дури 109 се посветени на приговорите на одбраната. Адвокатите тврдат дека делата се стари и дека недостасуваат надлежности и официјални пријави за постапување. Судот одлучил оценката на обвинението да се разгледува на затворена седница.

Првообвинетиот, сопственикот на дискотеката Дејан Јованов, кој се наоѓа во притвор во Куманово, дел од одговорноста ја префрла врз институциите кои, според него, требало да го регулираат објектот, како и врз организаторите на настапот, со тврдење дека не бил информиран за употребата на пиротехника. Неговиот син Михаил и братот Тодор навеле дека немале формални одговорности во управувањето со дискотеката.

Приговори поднеле и инспектори, поранешни градоначалници и функционери на локално и централно ниво, повикувајќи се на ненадлежност или на отсуство на налози за постапување. Одбраната го оценила обвинението како паушално и најавила долг судски процес.

Обвинението опфаќа 34 лица и три компании, со над 1.440 докази и 283 предложени сведоци, што го прави овој предмет еден од најобемните и најкомплексните во поновата судска практика. Се очекува судот да го закаже првото рочиште по завршување на процесните проверки.

Related Articles

Back to top button