
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Мицунски попладнево преку објава на својот профил на Фејсбук категорично ја отфрли како што рече, дезинформацијата дека Владата или Министерството воделе разговори или постигнале било каков договор со Обединетото Кралство за прифаќање мигранти во земјава.
Претходно, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, го повика министерот Мицунски најдоцна до утре да ја информира јавноста дали се водат разговори со британските власти за можно отворање центар за сместување мигранти во Северна Македонија. Филипче реагираше по написот на „Политико“, според кој Велика Британија е во завршна фаза на постигнување договор за отворање ваков центар во една од земјите од Западен Балкан.
„Целосно ја отфрлам дезинформацијата дека Владата или Министерството за надворешни работи и надворешна трговија воделе разговори или постигнале договор со Обединетото Кралство за прифаќање мигранти. Такво нешто не постои – ниту како иницијатива, ниту како политичка намера,“ напиша Мицунски.
Тој додаде дека ваквите шпекулации се неосновани, штетни и служат исклучиво за дневно-политички поени.


