
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска го повика министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, најдоцна до утре да ја информира јавноста дали се водат разговори со Обединетото Кралство за поставување на мигранти на територијата на Северна Македонија.
Филипче го коментираше текстот објавен во „Политико“, според кој Британија е блиску до постигнување договор за отворање центар за враќање мигранти во една од земјите од Западен Балкан.
„Министерот Тимчо Муцунски треба да каже дали се водат разговори за доведување мигранти во нашата земја. Дали тоа има врска со кредитниот пакет од седум милијарди евра? Дали Владата е условена со тие пари да го направи тоа?“, праша Филипче.
Тој ја обвини Владата на ВМРО-ДПМНЕ дека намерно го блокира процесот на реформите во правосудниот систем со цел да влијае политички врз изборот на судии и јавни обвинители.
„Наместо суштинска реформа во правосудството, граѓаните се сведоци на континуирани обиди за манипулација. Во реформската агенда која ја подготви нашата влада, а ја потпиша актуелната, има 12 закони што го зајакнуваат правосудниот систем. Од нив ниту еден сè уште не е доставен до Собранието“, изјави тој.
Филипче ги отфрли обвинувањата од власта, оценувајќи ги како „намерни спинови“ за да се одвлече вниманието од суштинскиот проблем – избегнувањето на реформите во судството.
„Ако не се реализираат тие реформи, тоа создава простор за политички влијанија и именувања на партиски кадри во судството, какви што веќе видовме во последните години“, порача Филипче.


