
Лекарот и носител на советничката листа во општина Липково, Зеќирија Шахини, за првпат се огласи по вооружениот напад во кој беше ранет пред неколку дена. Во својата јавна изјава тој рече дека бил нападнат „подмолно“ од маскирани лица, нагласувајќи дека нема ниту конфликт ниту непријателство со никого.
„Бев нападнат подмолно од маскирани лица. Сакам да ја уверам јавноста дека немам никаква злоба кон никого, ниту сум му го повредил на некого честа или семејството. За тоа сведок ми е само Господ,“ изјави Шахини.
Тој побара инцидентот да не се поврзува со политичките процеси, потсетувајќи дека земјата се наоѓа во предизборен период.
„Не сакам овој настан да добие политичка обоеност. Немам никакво политичко непријателство со никого,“ додаде тој.
Но, заменик-претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Арбер Адеми, има поинаков став. Тој остро реагираше на нападот, нарекувајќи го „тежок, намерен и морбиден акт“ што претставува „сериозен аларм за демократијата и јавната безбедност во земјата“.
„Самата фактичка состојба дека во сред изборна кампања се случува ваков атентат претставува длабока загриженост за редот, безбедноста и демократијата,“ изјави Адеми. Во својата реакција тој потенцира дека ова не е изолиран или случаен инцидент, туку настан со сериозни индикации за политички атентат.
„Ова не е обичен инцидент, туку тежок и намерен акт што има цел да создаде несигурност, страв и тензии. Остро го осудуваме овој варварски и криминален чин и бараме итна, сериозна и транспарентна реакција од надлежните институции – особено од Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство,“ стои во изјавата на Адеми.


