
Министерството за здравство, во соработка со Универзитетската клиника за пулмологија, спроведе дводневен скрининг на населението во Трубарево со цел навремено откривање на симптоми на заболувања на дишните патишта.
„Само во текот на вчерашниот ден беа прегледани над 100 лица на двата пункта во Трубарево, од кои осум пациенти беа упатени на Клиниката за пулмологија поради хронични заболувања за кои немале направено контроли подолг временски период,“ истакна министерот за здравство Азир Алиу.
Скринингот опфати клинички преглед, мерење на пулс и сатурација, како и проценка на виталниот капацитет. Вкупно повеќе од 200 пациенти беа контролирани во текот на двата дена, а активноста беше прифатена со голем интерес од страна на локалното население. „Во наредниот период ќе продолжиме да ја следиме состојбата во координација со Клиниката за пулмологија и сите надлежни институции,“ додаде Алиу.
Според информациите од медицинските тимови на Клиниката, пациентите кои беа упатени на понатамошен третман покажале симптоми како отежнато дишење, сува кашлица и стегање во градите. Во рамки на скринингот биле идентификувани и лица со висок крвен притисок, на кои им било препорачано да се обратат кај својот матичен лекар за дополнителни контроли.



