
Уставниот суд на Република Северна Македонија денеска на дневен ред има закажано расправа по иницијативи кои се однесуваат на Одлуката на Владата за утврдување на бројот на членовите на советите на општините, односно намалување на бројот на советници во одредени општини.
Првата иницијатива, поднесена од Скендер Реџепи, наведува дека Владата ја донела Одлуката без да има законско овластување. Во иницијативата се нагласува дека бројот на членови утврден со оспорената Одлука не е во согласност со методологијата предвидена во член 34 од Законот за локална самоуправа. Дополнително, се истакнува дека Одлуката не содржи податоци врз основа на кои е утврден бројот на советниците, со што се создава правна несигурност и се доведува во прашање усогласеноста со член 9 став 3 од Уставот.
Втората иницијатива, поднесена од Ќенан Алија, посочува дека Одлуката е во спротивност со член 8 став 3 и член 51 од Уставот, како и со повеќе одредби од Законот за локална самоуправа. Според него, извршната власт нема надлежност да го утврдува бројот на советниците спротивно на официјалните податоци добиени од Пописот на населението во 2021 година.
Третата иницијатива е поднесена од Блерим Беџети и Сали Мурад, претставници на пратеничката група „Европски фронт“. Во нивната аргументација се наведува дека со оспорената Одлука се прекршува член 34 од Законот за локална самоуправа, бидејќи на Владата ѝ се припишуваат овластувања што не се предвидени со закон. Тие дополнително истакнуваат дека член 36 став 3 од Законот за Владата овозможува донесување на одлуки за извршување на законите, но не и одлуки засновани на методологии кои се оспорени или укинати. Како доказ за ова се повикуваат на Одлуката на Уставниот суд У.бр.251/2025, со која Судот укинал делови од Методологијата за спроведување на Пописот од 2021 година. Според нив, фактот што Уставниот суд веќе укинал делови од таа методологија е од суштинско значење, бидејќи актуелната владина Одлука е заснована токму на тие укинати методолошки основи, односно на податоците за „резидентно население“ од Пописот 2021.


