XВестиЛокално

ДУИ: Униформи само на македонски, вистинското лице на институционалната дискриминација

Демократската унија за интеграција во објава на Фејсбук ја изрази, како што велат, најдлабоката индигнација поради скандалозната одлука новите полициски униформи да бидат само на македонски јазик.

„Овој чин претставува флагрантно кршење на принципите на Охридскиот договор и на Законот за употреба на јазиците, кој гарантира еднаквост и двојазичност во државните институции, а особено на полициските униформи. Ова не е изолиран случај, туку континуитет на дискриминаторската политика на ВМРО-ДПМНЕ, која веќе покрена иницијатива пред Уставниот суд за укинување на албанскиот јазик како службен. Она што оваа одлука ја прави уште поскандалозна е сервилното молчење на албанските партии на власт, кои прифатија да бидат вазали на антиалбанските политики, газејќи го достоинството и правата на Албанците за ниски политички интереси“, соопшти ДУИ.

Од партијата нагласуваат дека униформите на еден јазик не се само облека, туку симбол на идентитетот на државата, еднаквоста и почитта. „Кога законот бара двојазичност, а Владата наметнува еднојазичност, тоа е доказ за губење на политичкиот суверенитет на албанските партии кои денес се огледало на интересите на ВМРО“, стои во реакцијата.

ДУИ јасно порача: Албанците нема да прифатат вакви понижувања. Законот е јасен – во општините каде Албанците се најмалку 20%, секоја државна институција е должна да ги користи службените јазици, вклучително и на униформите и во јавната комуникација.

Партјата бара итно повлекување на оваа дискриминаторска одлука, заменување на полициските униформи со двојазични, согласно законот, и јавно извинување од албанските партии на власт кои го одобриле овој „срам“.

„Еднаквоста не е луксуз, туку законска, морална и национална обврска. ДУИ не прифаќа компромис со достоинството. Албанците жртвуваа за еднаквост, а оваа срамна одлука ќе биде поништена“, се наведува во реакцијата.

Related Articles

Back to top button