XВестиЛокално

Кондарко вели дека нема голем пораст на бројот на независни кандидатури

Времето покажа дека нема значаен пораст на бројот на кандидатурите кои се пријавуваат од независни листи, изјави претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Борис Кондарко.

Кондарко за „360 Степени“ потенцираше дека во споредба со претходните локални избори одржани во 2021 година, промената во бројот на поднесени листи е минимална. Во 2021 година имало 27 политички партии, 7 коалиции и 91 независна листа од група избирачи, додека сега има 22 политички партии, 19 коалиции и 119 поднесени листи.

„Јас сè уште оперирам со терминот поднесени листи, бројот на потврдените листи ќе биде објавен во текот на денот. Значи, има одредено зголемување на бројот на коалиции затоа што поголемите партии, на пример, СДСМ има четири различни коалиции, четири субјекти. Кај ВМРО-ДПМНЕ има 11 различни коалиции, со различни партии кои настапуваат во различни општини и сето тоа се одразува на бројот на учесници како број на субјекти. Секоја коалиција е посебен субјект со посебен даночен број и трансакциска сметка“, изјави Кондарко.

Според претседателот на ДИК, вкупните бројки се многу слични со оние на минатите локални избори.

„Во 2021 година беа поднесени 297 листи за градоначалници и 559 за советници. Сега, во 2025 година, бројот на поднесени листи за градоначалници е 312, а бројот на поднесени листи за советници е 575“, рече Кондарко.

Related Articles

Back to top button