
Безбедноста во сообраќајот е наш врвен приоритет, истакнаа министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), Горан Ангеловски, на денешната примопредавање на опремата од РСБСП на МВР, која се состои од 23 мотоцикли „Piaggio“ 310 cc во полициска верзија и 23 комплети опрема за возачи.
„Со денешниот настан го потенцираме успешното досегашно партнерство со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата – соработка што континуирано придонесува за зголемување на нивото на безбедност во сообраќајот. Ваквиот пристап е доказ дека координацијата меѓу институциите носи конкретни резултати за граѓаните, во овој случај за подобрување на безбедноста на патиштата“, рече министерот Тошковски.
Претседателот на РСБСП, Ангеловски, посочи дека и оваа година, во рамки на редовните активности за модернизација и унапредување на патната безбедност, Советот издвојува средства за опремување на организационите единици на МВР задолжени за сообраќајна контрола.
„Опремата се состои од 23 мотоцикли во полициска верзија со целосна мотоциклистичка опрема – одела, чизми, ракавици и кациги, во вкупна вредност од 11.950.027 денари, со што значително се зајакнуваат капацитетите за регулирање и безбедност во сообраќајот. Овој пример уште еднаш ја потврдува вредноста на меѓуинституционалната соработка“, истакна Ангеловски.


