XВести

Трагичниот пад од лифт – Адвокатот: Ние не ја одложуваме правдата

Адвокатската канцеларија на Бранко Кузманоски, која ја застапува семејството на починатиот работник што го загуби животот откако паднал во празен лифт на своето работно место, реагираше на сомнежите за едностраност и намерно одолговлекување на постапката. Обвиненијата ги оценија како неосновани и истакнаа дека сите дејствија на адвокатската канцеларија се преземени согласно законот и исклучиво во интерес на жртвата и неговото семејство.

Во писмениот одговор, адвокатите наведуваат:

„Овластениот застапник на оштетените, со овластувањата што ги има согласно закон, нема можност, начин или намера да придонесе за застарување на кривичното дело. Категорично, одговорно и транспарентно потврдуваме дека нашата адвокатска канцеларија работи само и исклучиво во интерес на своите клиенти.“

Адвокатите потсетуваат дека веднаш по настанот ги контактирале надлежните институции, вклучувајќи го Државниот инспекторат за труд, МВР и Јавното обвинителство Скопје, со цел да се спроведе вонреден надзор, бидејќи семејството немало никакви информации што точно се случило. Како резултат на тие надзори, бил поднесен и кривичен поднесок против одговорното лице од компанијата каде што работел починатиот.

„Во Јавното обвинителство Скопје е формиран предмет КО бр. 34/21, но досега немаме добиено никаква одлука од обвинителството, а според неофицијални информации, предметот се’ уште се наоѓа во истражна постапка,“ се додава во нивниот одговор.

Адвокатската канцеларија потенцира дека повеќепати побарале информации од Обвинителството, но досега не добиле никаков одговор. Тие истакнуваат дека целата кривична постапка е во рацете на Јавното обвинителство, кое е единствено овластено и задолжено да презема истражни дејствија и да донесе одлуки за поднесениот кривичен поднесок.

„Барањето за одговор за непостапување не треба да се адресира до нашата канцеларија, туку до Јавното обвинителство Скопје, како што и ние се обративме за да добиеме информација за статусот на предметот.“

Од таму порачуваат дека се отворени за соработка и понатамошна комуникација со семејството и сите заинтересирани страни и дека немаат никаква друга цел освен заштита на законските интереси на нивните клиенти.

Случајот трае веќе пет години, а семејството сè уште не наоѓа мир додека не ги види виновниците за смртта на нивниот најблизок изведени пред лицето на правдата.

Related Articles

Back to top button