
Владата го објави Предлог-законот за соодветна и правична застапеност. Но првиот чекор ќе биде праќање на документот за мислење во Венецијанската Комисија. Откако Комисијата ќе донесе мислење ќе продолжат законските домашни процедури.
„Денес Владата го усвои предлог законот за соодветна и правична застапеност. Закон со кој отвораме ново поглавје на професионализам во јавниот сектор, на државно и локално ниво. Овој закон има јасна цел. Администрацијата да биде вистински сервис на сите граѓани, изградена врз знаење, заслуги, професионалност, интегритет, согласно Уставот и Охридскиот рамковен договор. За разлика од минатото кога партиска книшка беше поважна од дипломата и стручноста, ние поставуваме нов стандард на знаење, интегритет и заслуги. После толку години на злоупотреба, имаме обврска да раскрстиме со минатото, градејќи институции кои не ги подржуваат послушните туку ги вреднуваат способните„, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Мицкоски вели дека сака мултиетнички силна администрација, и дека овој закон тоа ќе го овозможи.
Вицепремиерот Изет Меџити вели дека овој закон требал да се донесе од 2001 година, но дека политиката намерно го одложувала.
„Овој нацрт-закон претставува историски момент бидејќи за првпат правичната и соодветна застапеност како уставна категорија од 2001 година добива јасно и целосно законско решение. Иако ова прашање требаше да се регулира со закон уште од 2003 година, повеќе од две децении беше заложник на слободната политичка волја. Нацрт-законот гарантира еднаков пристап до вработување и унапредување во јавната администрација, правична и соодветна застапеност на сите етнички заедници во јавните институции, но и обезбедува вработување и унапредување врз основа на заслуги и квалификации на секој поединец„, вели Меџити.
При вработувањето, потенцијалните администратори ќе се идентификуваат согласно нивните лични документи. Процентот на етничка застапеност ќе се пресметува врз основа на последниот попис. Сепак, бројките за бројот на населението ќе се пресметуваат според резидентното население, при што ќе се исклучат бројките од дијаспората.
За овој предлог закон имаше големи реакции од страна на албанската опозиција која што вели дека овој закон го уназадува а не го унапредува статусот на албанците при вработување.


