Државниот студентски дом ,Пелагонија” должи над 33 милиони денари
Нема плати за вработените, кујната под клуч

Вработени од Државниот студентски дом “Пелагонија” во Скопје испратија анонимна претставка до новоименуваната министерка за образование, со цел да ја информираат за сериозните финансиски проблеми и неправилности во Домот. Според нив, тековниот долг на Домот достигнал историски највисок износ од 33 милиони денари, што резултирало со тешкотии во исплатата на платите на вработените. Во претставката, се наведува дека долговите драматично пораснале за време на мандатот на претходниот директор Агим Фејзулаху, кој бил разрешен во декември 2023 година а потоа вратен со судска одлука.
Вработените алармираат дека долгот, кој на почетокот на неговото директорување изнесувал 110.000 денари, по неговото разрешување се зголемил на 25 милиони денари и оттогаш продолжува да расте. Тие исто така истакнуваат дека како резултат на оваа финансиска ситуација, Домот се соочува со сериозни проблеми во одржувањето на платите на персоналот и обезбедувањето на основните услови за студентите.
Освен финансиските проблеми, претставката разоткрива низа неправилности поврзани со јавните набавки, злоупотреба на службени возила и непримерно однесување кон вработените. Вработените бараат од министерката итни мерки, вклучително и распуштање на Управниот одбор и формирање на комисија за истражување на ситуацијата, за да се спречи понатамошно влошување на состојбата во Домот и да се врати финансиската стабилност и задоволството меѓу студентите и вработените.