
300 денари за две лица, за паркинг и кратка информативна сесија – ова е услугата што посетителите се принудени да ја платат за да го посетат локалитетот Куклица.
Иако Општина Кратово соопшти дека влезот на локалитетот Куклица е бесплатен, посетителите на терен и понатаму се соочуваат со поинаква реалност.
За време на посетата на ПорталиX на локалитетот, на влезот го затекнавме претседателот на здружението „Извор“, Милош Димитриевски, кој веднаш ни пресмета 300 денари за паркинг и информативна сесија, иако таква услуга не беше побарана од наша страна. За разлика од претходно, овојпат Димитриевски беше опремен со фискален апарат и за секоја наплата издаваше фискална сметка.
Од истечен договор до судски спор
Во 2009 година, Општина Кратово му го доверила управувањето со локалитетот на здружението „Извор“ со десетгодишен договор. Сепак, и по истекот на договорот, здружението продолжило да врши контрола врз влезот на локалитетот. Незаконската контрола врз локалитетот од страна на здружението, привлече внимание во јавноста откако еден посетител се обидел да влезе без да плати за паркинг, по што бил нападнат од Стојна Димитровска, ќерка на Милош Димитриевски.
Димитриевски тврди дека дејноста што ја врши не се одвива на државно земјиште, туку на приватни парцели кои, според него, сопствениците му ги отстапиле на здружението „Извор“ на користење со нотарски заверен документ и на неопределено време.
„Ова што го гледате е приватна парцела и го опфаќа паркингот за кој ние се грижиме и даваме услуги од информативен карактер, како туристички водичи. И делот каде што е поставена монтажната куќичка исто така е приватна парцела. Само патеката што води до локалитетот и самиот локалитет се државна сопственост“, вели Димитриевски.
Во 2019 година, со одлука на Советот на Општина Кратово, управувањето со Куклица му било доверено на Градскиот музеј. Според Димитриевски, музејот никогаш не бил присутен на локалитетот, а одржувањето континуирано го вршело здружението „Извор“, и покрај тоа што договорот одамна бил истечен.
„Тие немаат капацитет да го одржуваат локалитетот бидејќи имаат само двајца вработени. Ние цело време сме тука и го чистиме и одржуваме локалитетот. Дури и кога пријавувавме кражби и оштетувања, тие не покажаа интерес.“
Од друга страна, градоначалникот на Општина Кратово, Тодорче Николовски, вели дека општината го добила спорот во прв степен и сега го очекува одлуката на второстепениот суд за да може да постапува.
„Постапката за локалитетот трае и сè уште е во судска процедура. Се надевам дека сега, кога случајот доби медиумско внимание, процесот ќе се забрза и конечно ќе започнеме да правиме план за неговото функционирање“, изјави Николовски за ПорталиX.
Истрага за узурпација и изречени мерки
Основното јавно обвинителство Куманово соопшти дека веќе две години води истражна постапка за узурпација на недвижност против Милош и Стојна Димитровски, како и против здружението „Извор“. На Стојна Димитровска ѝ се изречени мерки на претпазливост, меѓу кои и забрана за приближување до локалитетот.
На терен може да се забележи и дека Управата за јавни приходи ја затворила дрвената куќичка во рамките на локалитетот, каде што здружението „Извор“ нудело услуги како продажба на пијалаци и сувенири. Обвинителството, исто така, информираше дека е побаран притвор и за партнерот на Стојна Димитровска, британски државјанин, кој е осомничен дека со камења ги нападнал даночните инспектори.
Додека институциите сè уште немаат конечно решение, посетителите продолжуваат да се соочуваат со пречки при влезот во локалитетот. Пред неколку дена една граѓанка пријавила дека влезот бил заклучен со катанец, случај што го пријавила и во полиција.
Споменик на природата од 2008 година
Куклица, позната како „Камениот град“, претставува еден од најретките природни феномени во Северна Македонија. Локалитетот се состои од повеќе од 120 камени столбови создадени по природен пат, како резултат на ерозивни процеси што траеле илјадници години. Поради своите исклучителни геолошки, научни, туристички и културни вредности, Куклица во 2008 година беше прогласена за Споменик на природата, со што доби статус на заштитено подрачје.



